Сѐ почеста појава на неодговорно однесување на сопствениците на продавници и маркети при отстранување на сметот
Сѐ поголем број продавници и маркети што се лоцирани отворени во погусто населените места, несомнено предизвикуваат главоболки за локалното население доколку не менаџираат правилно со својот отпад. Се нижат примерите каде што механичкиот и органскиот отпад од маркетите и продавниците се отстрануваат непрописно, и тоа исклучително пречи, особено доколку во нивното опкружување има загради, станбени и индивидуални објекти за домување. Како што сведочат жители на неколку населби, но и како што можевме да регистрираме при нашата непосредна обиколка, од ѓубрето што останува од продавниците и маркетите се шири неподнослива миризба, а останува и неорганско ѓубре што скапува по улиците
Скопје е град со население што има над половина милион жители, а со оние што на дневна основа транзитираат во главниот град, бројката на луѓе достигнува и до еден милион лица. Како таков град, Скопје мора да одговори на потребите на жителите, па така, тој е еден од градовите каде што има и сѐ поголем број продавници, помали маркети и супермаркети. И токму тука е и зародокот на хигиенските проблеми, кои сѐ повеќе ја загрижуваат јавноста и за што во нашата редакција има сѐ поголем број дојави и поплаки. Речиси и да нема маркет или продавница пред која и околу која околината не наликува на мини-депонија.
ВО ПРОДАВНИЦА ИЛИ ВО ОТПАД?
Експанзијата на главниот град несомнено со себе носи и голем број негативни нуспојави. Една од нив е што со отворањето помали и поголеми продавници за храна од каде што граѓаните пазарат се појавуваат смет и отпад во поголеми количества, кои не се отстрануваат прописно, а потоа тоа станува проблем за пошироката околина.
Имено, сѐ поголем број продавници и маркети што се лоцирани отворени во погусто населените места, несомнено предизвикуваат главоболки за локалното население доколку не менаџираат правилно со својот отпад. Се нижат примерите каде што механичкиот и органскиот отпад од маркетите и продавниците се отстрануваат непрописно, и тоа исклучително пречи, особено доколку во нивното опкружување има загради, станбени и индивидуални објекти за домување. Како што сведочат жители на неколку населби, но и како што можевме да регистрираме при нашата непосредна обиколка, од ѓубрето што останува од продавниците и маркетите се шири неподнослива миризба, а останува и неорганско ѓубре што скапува по улиците.
Дополнително, како што велат граѓаните, децата, кои се и најчести купувачи во продавниците, и покрај поставените канти за отпадоци околу маркетите, отпадоците ги фрлаат каде шо ќе стигнат, па насекаде има ѓубре.
– Кај нас од скоро отворија голем супермаркет и, како за беља, околу маркетот е вистинска депонија. Не се проблем купувачите, туку вработените, кои, кога се на пауза, јадат околу зградата на поставени клупи и ѓубрето го оставаат на клупите или на земја. Малку да дувне ветер, пред врата имам мини-депонија од сѐ што јаделе. Неколкупати досега им укажав, но залудно. Фрлаат лименки, улични кучиња го расфрлаат ѓубрето на сите страни, па мораме сами да собираме – вели жителка на Бутел, пред чиј дом неодамна бил отворен голем супермаркет.
Дека ова е голем проблем потврдуваат и други граѓани. Велат дека од доставата на стока и пакетите, кои по правило треба да им бидат складирани на едно место или самите да ги фрлаат во ѓубре, се создава невиден хаос.
– Имаат дел што е заграден и во кој треба да им стои ѓубрето од доставата на стока. Но секогаш вратата е отворена, па деца влегуваат ги расфрлаат пакетите и ќесињата, кои и при најмал ветер летаат на сите страни – вели скопјанец што живее исто така во близина на голем маркет.
Граѓаните велат дека најголем проблем се помалите трговци што имаат помали маалски продавнички.
– Кај нас во Аеродром имаме маалска продавничка што продава овошје и зеленчук и токму затоа е и голем проблем. Малите канти за отпадоци се преполни со скапано овошје и зеленчук, кои ги фрлаат во кантите за отпадоци. Не можеме да фрлиме ѓубре во кантите затоа што врие од оси и пчели, се шири миризба на скапана храна, а контејнерот што стои исто така во непосредна близина ни го преполнуваат со разни гајби и пакети, па не можеме ниту ѓубре да фрламе – вели Александар Димитриевски, жител на Аеродром.
ШТО ВЕЛИ ЗАКОНОТ?
Законот за јавна чистота е дециден. Според него, секое физичко и правно лице е должно да се грижи за одржувањето на јавната чистота, а според членот 14 од законот, забрането е фрлање и оставање хартија, догорчиња, мастики, амбалажи, земја, отпадоци од растенија, песок и други отпадоци, освен на местата определени за таа намена, продажба и излагање на земјоделски и индустриски производи.
Членот 18, пак, вели дека правните и физичките лица сопственици на објекти, односно сопственици и корисници на отворените простори на јавни објекти што се за редовна употреба на овие објекти се должни тие простори редовно да ги одржуваат на тој начин што нема да создаваат смет и други отпадоци, како и да го одржуваат зеленилото.
Според Законот за јавна чистота, казните за правните лица варираат во зависност од прекршокот, па така, тие се движат од две до четири илјади евра.