Во Полициска станица Гази Баба синоќа околу 23 часот е пријавено дека во јавно претпријатие на подрачјето на Гази Баба дел од вработените пред капијата одржуваат протест, поради, како што велат, отпуштањето на десетици нивни колеги, но и поради тоа што не им се исполнуваат барањата за зголемување на платите, К-15 и бенефициран стаж, пренесе МИА, по потврдени информации од МВР.
Полициски службеници излегле на лице место, при што било констатирано дека околу 50 лица протестираат.
Работниците кажале дека нема да излезат и да го соберат сметот се додека не се исполнат нивните барања и колегите да се вратат на работа.
Спорен нив кажувања само вчера 7-8 лица си заминале со решение за вработување, додека завчера отпуштени биле 40 лица. Меѓу другото, потенцираат дека уште 50 работници добиле опомена за отказ откако протестираа пред една недела. Се жалат дека раководството гледа во безбедносните камери и кога некој ќе се види дека протестирал, добива отказ.
На протест околу 1 часот по полноќ дошла и директорката на ЈП Комунална хигиена – Скопје, Косана Николиќ Мазнева, со полициска придружба и побарала од работниците да излезат и да ги исчистат улиците, но работниците едногласно одбиле да излезат на терен без да се исполнат условите.
По средбата со присутна полиција, Мазнева порачала дека разговорите ќе продолжат од понеделник.
– Директорката дојде со полиција да не однесе на работа. Зошто повикала специјална единица, никој не и се заканувал, ние имаме наши барања и не одиме на работа додека не се исполнат. Бараме прво да биде разрешена директорката, бидејќи таа повеќе не е наша директорка, велат учесниците на протестот.
На вчерашната прес-конференција, директорката Мазнева посочи дека групата граѓани не се вработени во Комуналец, ниту се членови на синдикатот, дополнувајќи дека кон групата граѓани кои ја опструираат работата на претпријатието, со што се загрозува здравјето на јавноста, е поднесена соодветна кривична пријава.
– Наводната причина поради која овие лица го попречуваат работењето на претпријатието, е издадената наредба од моја страна за сменско работење, преку кое на секој работник му налага сменско работење според законските норми и барањата од страна на синдикатите. Она што е предвидено во наредбата е дека сите вработени ќе работат на принцип на ротација во сите три смени. Една голема група на вработени, веќе 15 години работат исклучиво во трета смена што е спротивно на законот- изјави Мазнева.
Според директорката, групата вработени добивале поголеми плати, ноќен труд од 35% поради работата во трета смена, а никој друг не можел да ротира.
– Овие луѓе нередовно ги извршувале своите работни обврски , а голем дел не се појавувале на работа, но биле запишани за прекувремена работа. Овие лица кои сега организираат блокада на претпријатието и го попречуваат работниот процес, се вработени на други места или со свои приватни бизниси“ посочи директорката, дополнувајќи дека втората причина за протести се барањата за поголема плата – додаде таа.
Мазнева истакна дека во март, на сите вработени платат им била зголемена за 864 денари бидејчи најниската плата била 19,418 денари, по што најниската плата во моментот изнесува 20, 175 денари, а нагласи дека во моментов е подготвна нова пресметка за изедначувањето на платите со минималната плата.
Одговарајќи на новинарско прашање, директорката Мазнева посочи дека комуналното претпријатие има редовни вработени, а одвреме-навреме, кога се појавува потреба за дополнително ангажирање на вработени, се вработуваат лица преку Агенција за привремени вработувања.
– Во последниов период се ангажирани околу 130 вработени, а од нив, истечен им е договорот, само на 27 не им се продолжени договорите. Сите оние од кои претпријатието има потреба им се продолжени договорите, а на сите оние од кои претпријатието нема потреба, не им се прекинати договорите, туку само не им се продолжени. Комунална Хигиена нема обврска постојано да ги продолжува договорите на сите вработени кои се времено ангажирани – изјави таа.
По синоќешниот прес, од Општина Центар алармираа до Град Скопје за неисчистените контејнери и преполните канти со смет, поради протестот на ЈП Комунална хигиена – Скопје.
Голем број граѓани денеска се пожалија во општината поради нехигиената и неподносливата миризба која се шири поради преполните контејнери по булеварите и улиците на главниот град. Општина Центар апелира на итна реакција од Градот Скопје под чија надлежност е ЈП Комунална хигиена – се вели во соопштението.
Оттаму истакнаа дека ќе продолжат со активно одржување на општинските површини, а предупредија надлежните од градот веднаш да дејствуваат поради високите температури.