Да се живее во Скопје, да се има статусот на „скопјанец“, согледано од повеќе аспекти на македонската реалност, ги наметнува прашањата дали е тоа привилегија, предизвик или само патемна станица до некоја поперспективна дестинација. „Нова Македонија“ го објавува фељтонот „Скопје – утопија, визија, реалност“ на универзитетскиот професор, социологот Илија Ацески, кој преку свои студиски истражувања и анализи ги согледува корените на актуелните предизвици на македонската метропола, но и насочува на целите кон кои треба да се дејствува во плановите за негов развој
Фељтон: Скопје – утопија, визија, реалност (3)
Што покажуваат истражувањата на социопросторните и социолошките аспекти на животот на луѓето во градот
Сферата на секојдневниот живот на човекот ја формираат мноштво елементи што произлегуваат од целината на неговата егзистенција, какви што се работата, слободното време, културата, соседството и воопшто примарните групи што го формираат квалитетот на животот, на ниво на градот како целина, како член на повеќе здруженија и организации, но и во колективното уредување и управување со градот.
Во тој контекст, за да се разбере функционирањето на животот во градот, потребно е да се согледаат односите меѓу социјалните актери, дистрибуцијата на моќта меѓу општествените групи и институциите, особено во услови на радикални промени на социјалниот, политичкиот и економскиот систем, потоа промената на улогата на социјалните актери со воспоставување на новиот економски систем, каде што пазарот, профитот и моќта ја играат најважната улога во организацијата на просторот.
Во кој степен процесот на планирањето на градот успеа да се приспособи на новите околности, пред сѐ предизвикани од процесот на приватизацијата, распаѓањето на институциите на стариот систем, отсуството на јасни правила и многу други елементи во тој контекст, кои резултираа со висок степен на хаотична изградба на градот и третман на просторот како стока и производ на пазарните закони, со што се доведе во прашање остварувањето на јавниот интерес на граѓаните. Приватните, поединечните цели во услови на транзициски промени почнуваат да ги потиснуваат општите интереси и цели. Тоа е видливо во многу сегменти во изградба на просторот.
Планот треба да ја надмине состојбата каде што просторот се доживува како сегмент на профитот на едно одбрано малцинство што ги поседува моќта и власта и профитира во своја корист на сметка на јавниот интерес.
Промените во сферaта на производството и потрошувачката, во периодот по 1990-тите години на минатиот век, само ги засилија процесите на нерационалност и хаотичност.
Во периодот по 1990-тите години на минатиот век, нашата држава се соочи со состојба на политичка нестабилност, поттикната од надворешни, но и внатрешни фактори, што пред дваесетина години кулминира со воени судири во северозападниот дел од земјата. Тоа доведе, што е значајно за нашата анализа, до забрзан процес на етничка сегрегација на микрониво – на ниво на градот, но и на макрониво на ниво на држава, на масовно преселување на македонското христијанско население од западниот дел од земјата кон другите региони и внатреградско групирање, во поделеност во зависност од етничката и религиската припадност. Тоа во голема мера ги засили процесите на сегрегација врз етничка основа, што сигурно ќе има негативни последици во развојот на општеството, во нашиот случај функционирањето на градот, што им наметнува дополнителен напор на планерите, кои со плански решенија ќе мора да решаваат дел од проблемите што се резултат на заострените меѓуетнички односи.
Потребни се сериозни истражувања за да се согледаат последиците од поделбата на градот врз етничка основа на подолг рок. Во овој контекст треба да се истакне и појавата на неефикасна администрација, непотизам, корупција и криминал во државата, што создаде услови за голема несигурност на граѓаните, појава на аномија и страв, кои станаа дел од секојдневието на луѓето, особено во големите градови.
Негативните појави особено дојдоа до израз во изградбата на просторот на градовите, во непочитување на урбанистичката законитост, бесправна градба, девастација на просторот, загрозување на животот на луѓето, преголема густина, непочитување на законитостите во ревитализацијата на вредното урбано наследство и негово понатамошно упропастување.
Илија Ацески
(продолжува)