Ако температурата на воздухот на сонце се искачува речиси до педесеттиот степен, во градските автобуси таа е минимум 60 и повеќе. Кога има поголем метеж во нив, тогаш внатре е вистински пекол. За граѓаните ова е нехумано, бидејќи температурата внатре едноставно не се издржува

ТОПЛОТНИОТ УДАР СТРАВОТНО ГО ПОГОДИ И ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ

Според сондажите на нашата рубрика „Скопје“, во метрополата горештините удираат најсилно во автобусите. Клима-уредите ретко каде се вклучени и ретко во кој автобус ги има. Можеби и да ги има, но не се вклучени. Се случува сѐ почесто граѓаните да колабираат… Се отвораат прозорци, но секогаш се случува да има патници што се плашат од озлогласената „промаја“, која се чини дека само кај нас на Балканот е фатална. Па така, деновиве да се возите во автобусите е пекол во вистинска смисла на зборот.

ПЕКОЛ НАДВОР, ПЕКОЛ ВНАТРЕ

Не е ниту време ниту место да се биде саркастичен и ироничен, но навистина на овие високи температури возењето во автобус е кошмар за многумина од патниците. Ако температурата на воздухот на сонце се искачува речиси до педесеттиот степен, во градските автобуси таа е минимум 60 и повеќе. Кога има поголем метеж во нив, тогаш внатре е вистински пекол.
За граѓаните ова е нехумано, бидејќи температурата внатре едноставно не се издржува.
– На сите им препорачувам да бегаат периодов од автобусите. Да се возат само доколку е нужно зло. Никако поинаку. Ова што се случува внатре е исто како доброволно да сте влегле во печка на печење. Исто како тортура. Значи внатре врие, не се издржува. А клима нема. Ако има метеж, тогаш е вистинска „журка“. Ако се обидете да отворите прозорец, некој од постарата популација ќе го затвори. В од ветер нема, ама некои луѓе се сериозно исплашени од провевот што ќе ги фати, чиниш, смртна казна си им пресудил – револтирано вели Весна Стојановска, скопјанка што редовно го користи градскиот превоз.
И за волја на вистината, навистина е така. Во автобусите не се дише. Ретко во кој се вклучени климите. И екипата на нашата редакција се увери во тоа. Во периодот на највисоките температури се упативме во автобус. Петок, пазарен ден. Во автобус – сауна. Постари лица затвораат прозорци, а внатре задушливо, спарно и колку и да е невкусно, навистина со грозен мирис на пот. Младите со згрозени лица се ладат со што нашле, клима нема, некого го фаќа блага паника и пие вода, додека друг се обидува да ги отвори сите прозорци во автобусот.
Кога го запрашавме возачот на автобусот зошто не е пуштена климата, тој ни одговори дека многумина од патниците барале да се исклучи.
– Постарата популација не сака клима, а денес главно постари се возат. Кога ќе почнат сите од нив да бараат да ја изгаснам, немам друга опција – истакна возач на автобус на ЈСП „Скопје“.
Друг карактеристичен проблем што го регистриравме при нашата обиколка е и кога во автобусите на јавното сообраќајно претпријатие климата е пуштена, но сите прозорци се отворени.
– Залудно се лади автобусот, тоа нема никаков ефект. Кога се отворени сите прозорци, разладувањето го нема, па имаме впечаток дека не е ниту вклучена климата во автобусот. Баш пред некој ден на шоферот му нагласив да ја вклучи климата, а тој ми одговори дека е вклучена, но дека отворените прозорци не дозволуваат да се намали температурата во автобусот – вели Петар Илиевски.
Во приватните, пак, приказната е друга. Таму и да сакаш, клима нема. Затоа многумина од возачите возат со отворени врати. Дополнително, во приватните автобуси прозорците не се отвораат целосно, па возењето е уште пострашно.

ГРАЃАНИТЕ (ПОНЕКОГАШ) НЕМААТ ИЗБОР

Граѓаните велат дека доколку автобусите имаат проблем со клима-уредите, тогаш треба во најбрз можен рок да ги однесат на сервис, бидејќи патниците плаќаат за достоинствено возење, а не да се возат во услови што слободно може да се каже дека не се хумани.
Според досегашните изјави од страна на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, автобусите секогаш имаат клима-уреди, освен во ситуации на непредвидени дефекти.
Досегашната пракса што била спроведувана од ЈСП „Скопје“ вклучува замена на возилата што во летниот период немаат клима-уреди. Доколку се случи некој од автобусите да има проблем со клима-уредот и да е со дефект, тогаш се заменува возилото со друго што има исправен клима-уред, за да се одговори на временските услови.
Меѓутоа, за приватните автобуси, не постои замена. Секој си има своја линија што ја сообраќа, па ако нема клима-уред, нема кој да го замени возилото за да ги спаси граѓаните од горештините.

[email protected]