Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јавниот автобуски превоз во Скопје за време на велигденските празници ќе сообраќа по неделен возен ред, информираат од ЈСП Скопје.

Од претпријатието посочуваат дека во периодот од 10 до 13 април, автобусите ќе функционираат според неделен распоред, додека билетарниците и центрите за персонализација ќе работат со прилагодено работно време.

– По повод верскиот празник Велигден, за време на продолжениот викенд автобусите од јавниот превоз ќе сообраќаат по неделен возен ред. Во сабота билетарниците ќе работат со редовно работно време, во петок и недела дежурна ќе биде билетарницата на Транспортен центар, додека понеделник е неработен ден за сите билетарници и центри за персонализација – информираат од ЈСП Скопје.

Во однос на Жичницата, од ЈСП додаваат дека таа ќе работи од петок до недела со редовно работно време од 10 до 18 часот, додека во понеделник нема да биде во функција.

– Потсетуваме дека секој понеделник и секој последен вторник во месецот се неработни денови за Жичницата – додаваат од претпријатието.