Проблемот за жителите на 38 улици во Бутел повторно се актуeлизира

ЌЕ СЕ ВРАЌААТ ЛИ СТАРИТЕ ИМИЊА НА УЛИЦИТЕ ВО СКОПСКАТА ОПШТИНА БУТЕЛ?

И сѐ ќе беше во ред доколку меѓу 38-те улици за кои градоначалникот бара враќање на старото име не беше една од 185-те спорни улици за кои граѓаните лутаа од шалтер до шалтер за да ја добијат фамозната потврда од градските власти. Една од спорните улици е Иса Болетини, поранешна Љуба Ивановиќ, чии жители велат дека изоделе трнлив пат за да добијат нови лични документи

Голема врева се крена неодамна кога граѓаните беа принудени при вадењето лични документи да го докажат точното име на улицата, барајќи потврди од градските власти за новото име на улицата на која живеат. Тоа беше и сѐ уште е битка што граѓаните ја водат со институциите, бидејќи личните документи мора да ги сменат. Само што се смири вревата околу овој скандал, кој им се удри од глава на некои од жителите на градот, прашањето повторно се актуализира – овој пат од страна на градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, кој од Градот бара враќање на старите имиња на улиците.

БАРАЊЕ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БУТЕЛ ЗА ВРАЌАЊЕ НА СТАРИТЕ ИМИЊА НА УЛИЦИТЕ ВО ОПШТИНАТА

Пред само еден месец како бомба одекна во јавноста информацијата дека во Скопје се сменети имињата на 485 улици. Од нив, како спорни беа детектирани 185 улици. Од жителите на тие 185 улици, МВР бараше уверение од Град Скопје за утврдување на моменталната состојба со името на улицата за надминување на проблемите што беа воочени веднаш по примената на имињата на новите улици.
Па, така, жителите на една од спорните улици беа принудени да поднесуваат барање за уверение до Град Скопје со кое ќе го докажат точното име на улицата на која живеат. Сите овие лавиринтски егзибиции беа предизвикани затоа што од стара улица се создадени две-три нови улици со нови имиња, а немаат прецизна разграничувачка меѓусебна граница, па нејасно е за вработените на МВР на која улица живее подносителот.

И како што рекле старите, секое чудо за три дена, така и ова се заборави. Граѓаните што имаа потреба од уверение си поднесуваа, па дури потоа вадеа лични документи.

Сега проблемот за жителите на 38 улици во Бутел повторно се актуализира.
Како што информира градоначалникот на оваа скопска општина Дарко Костовски, поднел барање до Град Скопје за враќање на старите имиња на улиците.
– Поднесов иницијатива до Град Скопје со барање за враќање на старите имиња на 38 улици во општината Бутел. Целосната ингеренција за враќање на старите имиња ја имаат градоначалничката на Град Скопје и Советот на Град Скопје. До мене како градоначалник и до Општина Бутел изминатиот период пристигнаа голем број иницијативи од граѓани. Барањата на граѓаните се и мои барања. Во минатото од страна на поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, и Советот на Град Скопје беше донесена одлука за промена на улиците. Своеволно, без никаква консултација со граѓаните, за свој личен интерес беше донесена таа одлука – напиша Костовски на Фејсбук.

ОБВИНУВАЊА СО ЕТНИЧКИ ПРЕДЗНАК

Од ДУИ обвинија дека Костовски намерно сакал да ги смени имињата, за да нема улици со албански имиња, на што тој истакна дека не е негова иницијатива, туку на околу деведесетина потпишани граѓани, меѓу кои има и Албанци.
– Од вкупно 38 улици, 18 се со албански имиња, што значи тезата дека станува збор само за албански улици се поништува. Покрај тоа што советниците на ДУИ и Алтернатива ја имаа на увид граѓанската иницијатива, сепак тие одлучија грубо да ги лажат сограѓаните Албанци дека станува збор за менување улици само со албански имиња – рече тој.

Костовски додаде и дека Општина Бутел е мултиетничка општина и со вакви несериозни и лажни обиди за добивање политички поени нема да постигне ништо ниту ДУИ ниту која било друга партија.

ГРУПА ГРАЃАНИ: „САМО ДА НЕ ТРЕБА ПАК ДА МЕНУВАМЕ ЛИЧНИ ДОКУМЕНТИ“

И сѐ ќе беше во ред доколку меѓу тие 38 улици за кои градоначалникот бара враќање на старото име не беше една од 185-те спорни улици за кои граѓаните лутаа од шалтер до шалтер за да ја добијат фамозната потврда од градските власти.

Една од спорните улици е Иса Болетини, поранешна Љуба Ивановиќ, чии жители велат дека изоделе трнлив пат за да добијат нови лични документи. Издвојуваме еден од групата граѓани како карактеристичен пример. Имено, тој е жител на оваа улица што пред еден месец поднесе барање за уверение, а кое го чекаше речиси цел месец.

Живее во Швајцарија, а во Скопје живее неговата стара мајка. Тогаш тој дојде со сопругата за да извади нови лични документи, а сега веќе е вратен во Швајцарија.
Тој вели дека воопшто не му е грижа како ќе се вика улицата на која се води како жител, сѐ додека таа остане со непроменето име.
– Јас не можам да доаѓам и постојано да менувам лични документи. Ниту пак можам да ја шетам мајка ми, која има 90 години, да оди да зема потврди. Надлежните нека одлучат што ќе прават, само тоа никако да не биде пак по наш грб. Доста плаќавме ние за туѓи одлуки – вели тој.

За граѓаните е спорно тоа што секако се принудени да ги менуваат личните документи поради Преспанскиот договор, но сега тоа не мора да се прави постојано.
– Да, и јас сакам да се врати старото име на нашата улица. Така било кога растел тука татко ми, сакам така и да остане. Убава е идејата на градоначалникот, меѓутоа само ако не треба повторно да ги менуваме документите, односно да си се врати старото име кога документот ќе истече – вели З.Б., жителка на оваа улица во Бутел.

ЕКСПЕРТСКО МИСЛЕЊЕ

Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, кој предаваше во областа на јавната администрација и административното право, неодамна во изјава за „Нова Македонија“ истакна дека никој не го почитува законот иако постои.
– Во согласност со Законот за општа управна постапка, кога еден граѓанин вади лична карта, МВР е должно по службена должност да се обрати кај сите органи, дали кај Град Скопје или кај општините, министерствата или каде било, за информации, а тие, пак, се должни да ги достават бараните информации. Никој не го почитува законот. Тоа е нов закон од 2015 година, а се применува од 2016 година. За овој проблем има решение, надлежните да не ги шиканираат граѓаните – вели професорот.

Според него, срамно е ова што ни се случува, бидејќи низ многу обврски минуваат граѓаните и со промената на името на земјата, па тие мора да ги менуваат сите документи на сопствен трошок.
– Ете како органите на власта нѐ третираат како граѓани. За нив народот постои само кога треба да гласа… А во други околности – не. Ако некој менува имиња на улици „како чорапи“, тоа значи дека треба потребните финансиски средства во целост да ги обезбедат надлежните општини и да ги покријат. Некои држави имаат имиња на улици стари дури 300 години, кај нас постојано се менуваат… Какво е тоа самоволие – се прашува професорот Давитковски.

[email protected]