Фото: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека интензивно се работи на реализацијата на проектот за градски воз, кој треба значително да го подобри јавниот превоз во главниот град.

Според неговата објава, проектот предвидува брза железничка врска од Драчево до центарот на Скопје, со време на патување од околу 11 минути. Станува збор за рехабилитација на железничката пруга на делницата Транспортен центар Скопје – Зелениково, во должина од околу 25 километри.

Ѓорѓиевски посочи дека станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни проекти за градот, кој ќе донесе побрз и поефикасен превоз, намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на квалитетот на воздухот.

Во рамки на проектот се врши целосна модернизација на пругата, која вклучува замена на старите дрвени прагови со бетонски, подобрување на засторот, како и техничко унапредување на колосекот со современа механизација. Според информациите, реализацијата на проектот е околу 65 проценти.

Градоначалникот нагласи дека Град Скопје активно учествува во проектот, со цел да се воспостави интегриран транспортен систем, преку усогласување на возниот ред меѓу автобусите и возовите.

На увидот во градежните активности присуствувале и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, како и директорот на ЈП „МЖ Инфраструктура“, Синиша Ивановски.

Ѓорѓиевски оцени дека со реализацијата на овој проект Скопје ќе добие модерен, одржлив и поврзан јавен превоз, кој ќе биде значаен чекор кон подобар квалитет на живот за граѓаните.