Двете јавни претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ интензивно работат на изградбата на мегапаркот „Даме Груев“ во општината Ѓорче Петров. „Улици и патишта“ на терен веќе работи на инфраструктурното уредување на паркот, кое се одвива со одлична динамика, додека „Паркови и зеленило“ ја изведува првата фаза, односно се изведува подготвително рамнење на површината, прекопување и целосно обележување во согласност со проектот за парковската површина. Како што информираат надлежните, во оваа фаза се врши трасирање на пешачките и велосипедските патеки и просторот за другите содржини, а се поставуваат и потребните подземни инсталации. Изведбата на градежните активности се одвива во согласност однапред определените временски рокови.
– Во согласност со проектот, работните активности и хортикултурното уредување на мегапаркот предвидуваат четири фази на изведба. Паркот е предвидено да биде составен од три дела, со вкупна површина од над 30.000 квадратни метри. Во паркот е предвидено да бидат засадени над 2.200 дрвја. Паркот се гради на локација на која беше исчистена огромна дива депонија од над 50.000 квадратни метри – информираат градските власти.
Oва е првиот од петте мегапарка што ќе се градат на територијата на градот Скопје.