Отворена архитектонската изложба: „Скопје: нови индустрии на стари локации“
Архитектонската изложба „Скопје: нови индустрии на стари локации“, што претставува резултат на едногодишен научноистражувачки проект, вечерва беше отворена во Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје.
Станува збор за проект насочен кон мапирање, проучување, вреднување и промоција на напуштениот индустриски простор, како можност за иден економски, просторен и програмски развој на градот Скопје. Проектот го истражува и претставува процесот на реиндустријализација во Скопје, кој иако има позитивна улога во регенерацијата и рационалното искористување на урбаниот простор, се случува во сенка на процесите на деиндустријализација и пренамена на индустриските локации за други неиндустриски намени кои имаат многу повидливо влијание на просторот. Целта е афирмација на пристапот на обнова и повторно користење на овие локации за нови производни незагадувачки индустрии, во прилог на јавното добро и во корист на жителите на Скопје.
Учесници во научноистражувачкиот проект се професорите Горан Мицковски, како раководител, Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, асистентите Димитар Крстески, Теа Дамјановска, Mихајло Стојановски и архитектот Мила Гавриловска. Научноистражувачкиот проект е финансиран од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во реализација на Архитектонскиот факултет.
На отворањето на изложбата се обратија и директорот на МКЦ Русе Арсов и деканот на Архитектонскиот факултет во Скопје, Огнен Марина.
– Причина за моето задоволство е темата што овој проект ја обработува, а е суштински поврзана со развојот на градовите и во овој конкретен случај, со развојот на Скопје. Современите градови или поточно градовите на модерната, се градови на капиталот, планирани и градени врз основа на фунционалноста и потребите на индустријата и работата. Но, кои се новите индустрии и како тие ќе ги обликуваат новите градови? Во 2022 година имав можност да учествувам во студиите за изработка на националната стратегија за паметна специјализација, во кои во нашата држава, како најперспективни за понатамошен развој на општетсвото и економијата беа детектирани неколку домени, меѓу другите паметната индустрија 2.0 и паметните градови. И повторно, се преплетуваат идната индустрија и идните градови. Работата се менува, а со тоа и работниците, кои се повеќе стануваат господари на своето време и господари на нивниот простор. Тоа се креаторите на идните индустрии и на нашите идни градови. Затоа, слободно можам да констатирам дека идните индустрии се веќе тука, во нашите градови, и веќе ги обликуваат работните места, идните простори на работа и идните градови. Затоа, подобро е да сме подготвени за нив – истакна Огнен Марина пред присутните на изложбата.
Во рамки на проектот биле препознаени 22 локации на реиндустријализација, од кои детално се прикажани три.
– Препознавме 22 локации на реиндустријализација, а детално прикажавме три – поранешната фабрика за кожа „Годел“, фабриката на автотранспортно претпријатие „Пролетер“ и еден од поранешните магацини на тутунскиот комбинат. Формата на индустријализацијата е дефрагментирана. Денес повеќе мали фирми ја користат капацитативноста на просторот, кој не е лесно видлив од надвор, а тука ги претставуваме преку фотографии и модели – изјави раководителот на проектот Мицковски.
Изложбата ќе трае до 30 март.