Платите за Јавното сообраќајно претрпијатие (ЈСП) се обезбедени, известуваат од град Скопје. Оттаму велат дека ЈСП ќе продолжи со нормално функционирање, што за МИА го потврди и претседателот на синдикатот на ЈСП Миќо Стојановски, кој додаде дека автобусите ќе почнат да сообраќаат.
– Трансферот на пари е направен. Платата ќе биде поделена утре. Автобусите почнуваат да собраќаат – изјави Стојановски за МИА.
Информацијата им е пренесена од градоначалничката на Град Скопје со која имале средба пред половина час.
И од Град Скопје преку соопштение потврдија дека е изнајдено решение. Го повикаа менаџментот на претпријатието да си даден оставка и ги повикаа Владата и општините во најкус можен рок да ги исплатат долговите кон ЈСП.
– ЈСП продолжува со нормалното функционирање, откако градот Скопје изнајде решение за вештачки предизвиканата криза во претпријатието. Повикуваме, менаџментот на претпријатието во ликот на Управниот одбор на истото веднаш да поднесе неотповиклива оставка од функцијата поради несоодветно менаџирање со претпријатието, поттикнување и предизвикување на хаос. Платите за ЈСП се обезбедени. Во меѓувреме остануваме на барањето, Владата и општините во најкус можен рок да ги исплатат насобраните милионски долгови, се наведува во соопштението од Град Скопје.