Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи причините и доколку се детектира дека е во прашање човечки фактор и мотивирано е од погрешната и небезбедна градба, за што има соодветна документација, за која укажувавме две години и поради која одбивме да продолжиме со изведувачот избран од претходното раководство, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност. Ова е реакцијата од Град Скопје, откако претпладнево гореше една од куполите на Универзална сала, а со брза интервенција на пожарникарите, пожарот е ставен под контрола. Во тек беа работи за нејзино реновирање.

– Две години јавно зборуваме дека проектот за Универзална сала кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година е погрешен и небезбеден, а градбата спротивна на проектот и дека поради тоа ни може да се продолжи ни може да се гради. Две години бевме напаѓани за тоа што јавно зборуваме! – реагираат од Град Скопје.

Во соопштението се потсетува дека советниците во Советот на Град Скопје потсетуваат дека на седница во јули минатата година одлучиле Министерството за култура да ја преземе Универзална сала и нејзината реконструкција.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека засега нема информации што е причината за пожарот. На Единствениот број за итни случаи112 во ЦУК е добиена пријава за пожар на отворено кој се шири над објектот на Универзалната сала лоцирана на Булевар „Партизански Одреди“, во Скопје.