Фото: Принтскрин

Титулата Европска престолнина на културата 2028 не се сведува на едногодишна културна програма, туку претставува долгорочен процес насочен кон трајна трансформација на градот и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Ова беше главната порака на конференцијата „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, одржана во рамки на Скопје – Европска престолнина на културата 2028. На настанот културата беше посочена како клучен двигател на урбаниот развој, социјалната кохезија и новиот идентитет на Скопје, а проектот беше оценет како заедничко дело на граѓаните, институциите и меѓународните партнери.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков нагласи дека Европската престолнина на културата не смее да се сфаќа како изолиран културен настан, туку како заеднички проект што ја вклучува целата заедница.

– Ова не е само проект на институциите. Ова е проект на луѓето. На сите нас. И токму затоа верувам дека Скопје 2028 може да биде нешто навистина посебно – истакна Љутков.

Тој посочи дека Владата обезбедува целосна и конкретна поддршка за реализација на проектот, вклучувајќи и значителни финансиски средства.

– Скопје 2028 ја има нашата целосна и безрезервна поддршка. Поддршка која не е декларативна, туку институционална, финансиска и политичка – рече министерот, нагласувајќи дека за проектот се обезбедени 20 милиони евра.

 

Љутков најави и конкретни интервенции во културната и урбаната инфраструктура, со долгорочен ефект.

– Ова што го градиме не е само за 2028 година. Ова е процес што веќе започна – и треба да остави трага што ќе се чувствува долго време потоа – посочи тој, најавувајќи ревитализација на Скопското кале, конзервација на Аквадуктот и реконструкција на Универзалната сала.

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски порача дека титулата Европска престолнина на културата претставува историска можност за суштинска промена на градот, а не само за зголемување на бројот на настани.

– Дали тоа значи само една година исполнета со настани? Или, како што значи за мене, нешто многу подлабоко – можност културата да стане трајна трансформација, јавна трансформација на инфраструктурата на градот – рече Ѓорѓиевски.

Тој ја поврза визијата за Скопје 2028 со историското наследство на солидарност по земјотресот во 1963 година.

– Ако во 1963 година солидарноста значеше обнова на разрушениот град, тогаш денес таа мора да значи обнова на јавниот интерес, на довербата во институциите и на чувството на припадност – нагласи градоначалникот.

 

Според него, културата мора да биде дел од секојдневниот живот на граѓаните.

– Добар град не е само град со настани. Добар град е град во кој човек сака пред сè да остане, каде културата не е луксуз, туку секојдневие – рече Ѓорѓиевски.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, истакна дека титулата Европска престолнина на културата е една од најсилните европски иницијативи за поврзување на културата, демократијата и урбаниот развој.

– Европската престолнина на културата покажува дека културата не е само забава, туку катализатор за обновување на градовите и зајакнување на европската демократија – рече Рокас.

Тој потсети дека оваа иницијатива постои од 1985 година и носи значајни економски и социјални придобивки.

– Истражувањата покажуваат дека во градовите со силна културна сцена се намалуваат омразата, популизмот и дезинформациите – нагласи тој, додавајќи дека културата гради мостови врз вредностите на мирот, слободата и демократијата.

Рокас оцени дека Скопје има уште многу работа пред себе, но изрази поддршка за досегашниот напредок.

– Ова е моментот кога треба да ги здружиме силите, бидејќи Европската Унија е со вас во ова патување – со своето срце и поддршка – порача Рокас.

Постојаниот претставник на УНДП Армен Григоријан ја истакна долгогодишната поврзаност на Обединетите нации со развојот на Скопје, од обновата по земјотресот до денешните програми за одржлив урбан развој.

– Скопје не е само град, туку приказна за солидарност и отпорност – рече Григоријан.

Тој најави конкретни проекти што УНДП ќе ги поддржи во пресрет на 2028 година.

– Заедно со градот Скопје ќе работиме на трансформација на коридорот на реката Вардар во зелен, активен урбан простор и на отворање на клучните културни знаменитости – посочи тој.

Григоријан потенцира дека Европската престолнина на културата е можност за долгорочна визија.

– Овој момент нуди можност да се обликува иднина која е креативна, инклузивна и одржлива, вкоренета во европските вредности – заклучи тој.

Настанот продолжи со панели посветени на урбаните политики водени од културата, улогата на младите, механизмите за имплементација и примената на културата како двигател на урбана иновација во процесот Скопје – Европска престолнина на културата 2028, пренесува МИА.