Фото: Игор Бансколиев

До нашата редакција пристигнаа мноштво реакции во низа од страна на жители од Шуто Оризари, кои тврдат дека ситуацијата со автобускиот превоз ги измачува, бидејќи честотата на линијата кон оваа скопска општина е сведена на минимум, а бројот на патници енормно зголемен. Граѓаните што се пожалија тврдат дека тие, освен што чекаат превоз долго време, поради што доцнат на своите работни места, односно доцнат и на училиште и на закажаните лекарски прегледи, кога ќе влезат во автобусот едвај дишат поради преголемиот број патници… Градските власти и јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ го тврдат спротивното, а градоначалникот на општината е уверен дека тоа е организирана негативна кампања од група граѓани

ПО РЕАКЦИИТЕ НА ЖИТЕЛИ ОД ШУТО ОРИЗАРИ ЗА ФРЕКВЕНЦИЈАТА НА АВТОБУСКИОТ ПРЕВОЗ

Низа реакции од страна на граѓани за јавниот автобуски превоз беа забележани изминатите месеци како последица на немањето доволно автобуси низ главниот град. На социјалните мрежи речиси секојдневно се објавуваат фотографии и забелешки што се однесуваат на големиот метеж што се создава во градскиот превоз, за кој патниците тврдат дека е последица на намалувањето на бројот на автобуси на трасите. Па, така, во редакцијата дојдоа повеќе граѓани и лично се пожалија од состојбите со градскиот превоз, презентирајќи видеоснимки на кои вратите од автобусите не можат да се затворат поради преголемиот број патници, но и зголемен метеж од патници што ги чекаат автобусите да пристигнат. Досега надлежните тврдеа дека нема никаков проблем со автобускиот превоз.

АВТОБУСИ НЕМА НИ ЗА ЛЕК?

Автобусите што сообраќаат до скопската општина Шуто Оризари, со броевите „19“ и „20“, а кои беа најмногу опслужувани од страна на приватните превозници, според тамошните жители, се драстично редуцирани, откако истите тие беа преземени од страна на ЈСП-Скопје.
Во реакциите од страна на жители од скопската општина Шуто Оризари има поплаки дека ситуацијата со автобускиот превоз ги измачува, бидејќи, освен што чекаат превоз долго време, поради кој тие доцнат на своите работни места, на училиште и на закажани лекарски прегледи, кога ќе влезат едвај дишат поради преголемиот број патници.
– Оваа ситуација навистина ни претставува малтретирање. Некогаш чекаме автобус дури и по половина час. Да, некој ќе рече да си го планираме времето, но невозможно е, затоа што и тогаш кога пишува дека ќе пристигне автобус, возило нема и доцни. Па, така, моите деца, кои се средношколци, речиси секојдневно доцнат на првиот училиштен час, а јас на моето работно место. Не знам што се случува, меѓутоа некој треба да обрне внимание на нашите укажувања – вели жителка на оваа скопска општина.
Нејзината реакција беше речиси идентична со неколку други во низа, повеќе денови со ред. Натаму, реакции има и за големиот метеж што секојдневно се создава како последица на нередовноста како порано.
– Голем број луѓе чекаат да дојде автобус и за тоа време се собираат многу патници. Ајде, кај нас е последната автобуска станица, па ќе се качат десетина лица, меѓутоа како се симнуваме надолу, состојбата е хаотична. За три автобуски станици веќе е преполн автобусот, нема каде да се фрли игла – вели Дениз, жител на Шуто Оризари.

ГРАДОТ И ЈСП НЕ ЕВИДЕНТИРАЛЕ НИКАКОВ ПРОБЛЕМ?

Градските власти и јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ велат дека досега немале никаква забелешка во однос на автобускиот превоз во оваа скопска општина.
Двете институции велат дека кај нив немало никакви реакции и поплаки.
– Од преземањето на линијата 19 и 20 од приватните превозници до „Инфо 24“ и до ЈСП не е стигната никаква забелешка од граѓаните на Шуто Оризари за преоптовареност или проблем со возниот ред. Континуирано се прават анализи и доколку има потреба и се утврди дека забелешките се оправдани, ќе се реагира – информираа од ЈСП.
И од Градот дадоа ист одговор. Оттаму велат дека не добиле никаква забелешка.
Градоначалникот на општината, пак, вели дека тој ги има сите информации од прва рака, бидејќи сите забелешки пристигнуваат прво кај него. Според него, автобускиот превоз воопшто не е проблематичен. Тој вели дека граѓаните треба да се научат и да си го планираат патувањето, бидејќи ЈСП сепак треба да работи рентабилно.
– Сите се научиле да им доаѓа автобус на три минути и тој автобус треба цела линија да ја вози за три лица што се качиле во него. Каде е тука исплатливоста на превозот – вели Курто Дудуш, градоначалник на Шуто Оризари.
Тој вели дека и да има незадоволни патници, нивниот број е занемарлив.
– Не може за еден-двајца на кои не им одговара ваквиот начин на јавен превоз, да се креваат бунтови и веднаш да се почнува со жалење. Ниту една земја во светот нема автобуси на секои три минути. Нашите граѓани научиле прво да им дојде „19“, а веднаш по овој автобус да дојде „20“. Во странство се знае, автобус дoaѓа на 15-20 минути, па и на половина час и тамошните жители си го планираат времето за да не доцнат на работните места и на училиште – вели тој.


Приватните превозници се договорија со Градот, ќе ги добијат парите

Приватните превозници во јавниот автобуски превоз и Град Скопје постигнаа договор за исплата на долгот од 1,5 милион евра, потврди за МИА членот на приватните превозници Јовица Зафировски.
Инаку, приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември, со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници, го блокираа главниот град. Во меѓувреме градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не е во право.
Јавниот градски превоз во меѓувреме продолжи да сообраќа само со автобусите на ЈСП, а Град Скопје објави два огласа за приватни превозници, на кои не се пријави ниту една компанија.