Урбаниот транспорт е еден од главните фактори за аерозагадувањето, затоа утре шест електрични автобуси ќе бидат донирани на Градот Скопје, односно на ЈСП, додека пред одлука сме Владата да купи 100 до 120 електрични автобуси кои што потоа ќе бидат донирани на јавниот транспорт по општините, најави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Во однос на аерозагадувањето, Меџити рече дека ова не е проблем од денеска и дека треба да се насочиме кон причините, а не кон последиците.
– Прво, природата направи овие денови Скопје и другите градови да бидат на врвот по загадувањето. Второ, ова не е од денеска, значи е подолго. Добро е што периодот кога имаме загаден воздух се стеснува. Трето, јас сум повеќе да се занимаваме со причините, отколку со последиците – изјави Меџити, одговарајќи на новинарски прашања по посета на локацијата каде беше предвидена изградба на асфалтна база во индустриската зона Визбегово.
Како главни причини за аерозагадувањето, Меџити ги посочи греењето и урбаниот транспорт.
– Главен фактор е тоа што индивидуалните и колективните домувања се греат на се и сешто, што не е по нивна вина. Мислиме во овој дел да го вратиме проектот за гасификација и тераме до крај. Тоа ќе биде прво што ќе придонесе за намалување на загадувањето, второ да се субвенционира и луѓето да се враќаат на централно греење, бидејќи тоа е уште почисто од гасификација – изјави Меџити.
Меџити, исто така, најави и промоција на уште еден проект за споделување на возила, кој функционира во европските градови.
МЖСПП, нагласи Меџити, работи и презема мерки согласно одлука и акционен план од Владата.