За да се обезбеди проточност на каналската мрежа, во рамките на Акцискиот план за чистење на каналската мрежа на територијата на општината Илинден за 2023 година, Годишната програма на Општината и Годишната програма на „Водостопанство-Скопско Поле“, во координација со АД „Водостопанство-Скопско Поле“-Скопје, ЈКП,,Илинден“ и граѓаните, од почетокот на годината досега се исчистени околу седум километри отворени одводни канали што се наоѓаат на територијата на општината Илинден.
Според градоначалникот Александар Георгиевски, со редовното одржување на каналската мрежа се овозможува непречен проток на атмосферските води, се спречува настанувањето на поплави и се обезбедува чиста животна средина, која е еден од условите за квалитетен живот на населението. Токму поради тоа, како што вели тој, редовното чистење, нивелирање и одржување на отворените канали остануваат еден од приоритетите на Општината.
Во согласност со предвидената динамика, во тек е чистење на Сува Река, на потегот од аеродромот ТАВ кон централниот дел во Миладиновци и се исчистени 4.500 метри. Исто така од почетокот на годината беше исчистен ободниот канал од Кадино до Марино, во должина од 2.500 метри.
Обврската за плаќање годишен воден надомест за редовното одржување, чистење и нивелирање на отворените одводни канали во име на граѓаните, Општината ја презеде уште од 2010 година. Со оглед на тоа што каналите се објекти од јавен интерес, според урбанистичките планови, на овие површини не смее да се изведуваат градби или да се вршат работи со кои се загрозува стабилноста на одбранбените насипи.