Комуналните претпријатија не можат толку да исчистат колку што нашиот народ може да загади. Како некое непишано правило, оваа изрека сѐ уште е актуелна за нашето поднебје, а вистинитоста се докажува речиси секојдневно. Најсвеж пример за тоа е Кучково, новата омилена дестинација на скопјани во потрагата по чист воздух. Дека работите отидоа во несакан правец зборува и реакцијата на жителите на Ѓорче Петров, кои самоиницијативно се организираа и јавно побараа од гостите да бидат повнимателни при фрлањето на ѓубрето кога одат во посета на ова излетничко место
ИЗЛЕТНИЧКОТО МЕСТО КУЧКОВО СÈ ПОАКТУЕЛНО ЗА ПОСЕТИТЕЛИ, НО И ЗА ЗАШТИТНИЦИТЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
Потрагата по чист воздух, освен на Водно, скопјани во последно време сѐ почесто ја завршуваат и во селото Кучково, каде што огромното зелено пространство нуди чист воздух и топли сончеви зраци. Изминатите денови, кога квалитетот на воздухот во Скопје беше категоризиран како „штетен“ и „небезбеден“, оваа локација во општината Ѓорче Петров им ги наполни белите дробови со чист воздух на скопјани, а дополнително им понуди простор за релаксација, две важни работи што во Скопје како метропола многу тешко може да се најдат. Сепак, како и во многу други ситуации, кога самите знаеме да си ја расипеме убавата приказна, и овој пат се покажува на дело дека еколошката освестеност кај посетителите очигледно не е на потребното ниво. За тоа сведочат многубројните отпадоци што посетителите ги оставиле зад себе.
Зошто повеќе луѓе, повеќе ѓубре?!
Празничниот споен викенд добро им дојде на граѓаните да избегаат од ПМ-честичките што изминатите денови, и покрај сончевото време, ги имаше во Скопје. Па, така, многумина граѓани излегоа од своите домови во околните излетнички места што се лоцирани на повисоки надморски височини, за да искористат малку од чистиот воздух.
Една од локациите каде што скопјани ги поминуваа празничните денови со своите семејства и пријатели е Кучково, село што е лоцирано во скопската општина Ѓорче Петров. Преполно со голем број цркви и манастири, ова село на периферијата на Скопје нуди релаксација во природа каква ретко може да се најде во градскиот метеж.
За жал, големиот број посетители изминатите денови со себе си ги донесоа и своите најлоши навики. Во потрагата по чист воздух, посетителите заборавија дека ѓубрето се фрла во канта за отпадоци, а доколку во неа нема место, тогаш отпадоците треба да се исфрлат во првата слободна канта. Уште еднаш се потврди дека е така само декларативно, меѓутоа во реалноста сето тоа оди многу тешко.
Локалните жители згрозени од некултурниот однос на гостите
Комуналните претпријатија не можат толку да исчистат колку што нашиот народ може да загади. Тоа е непишано правило што важи на нашето поднебје, а за да се уверите во вистинитоста, докази има речиси секојдневно.
Ако Водно го уништуваме со автомобили, Кучково дефинитивно го затрупуваме со многу отпадоци од она што го носиме со себе кога одиме на излет – обвивки од храна, сокови, цигари, хартиени шамичиња… Сликата е грда и загрижувачка. Во тоа можеше да се увери и нашата екипа кога во понеделникот ја посетив оваа новооткриена воздушна оаза на скопјани и кога се згрозив од сликата што ја затекнав ден подоцна, по неделната „инвазија“ на рекреативците. Сето она на што ни укажуваа нашите читатели, кои нѐ повикаа да одиме во Кучково за да се увериме во вистинитоста на нивните зборови, за да ја пренесеме нивната загриженост, во целост се потврди.
А дека работите отидоа во несакан правец зборува и реакцијата на жителите на Ѓорче Петров, кои самоиницијативно на социјалните мрежи побараа од сограѓаните да бидат повнимателни при фрлањето на ѓубрето кога одат во посета на ова излетничко место. Тие тврдат дека зголемениот број посети многу им го загади зеленилото во Кучково, кое е единствена локација каде што на рекреација и одмор заминуваат жителите на општината Ѓорче Петров.
Ова е навистина потег за поздравување, бидејќи е убав показател дека социјалните мрежи можат да се искористат и за корисни акции. Би било добро кога овој нивни апел би дал плод, за добробит на заедницата, а пред сѐ на посетителите на Кучково.
Во тоа се согласни и ѓорчепетровци што ги затекнавме на локалитетот Крст-Кучково.
– Дали треба ние да им го чистиме ѓубрето? Сите доаѓаат тука на чист воздух, а и самите се дел од загадувањето. Навистина не ми се јасни. Следниот викенд повторно ќе дојдат и токму нивните деца ќе играат низ ѓубрето што самите си го фрлиле, љубопитните деца со свои раце ќе претураат низ отпадоците – револтирано вели Мартин Ѓеоргиевски, еден од локалните жители, кого го затекнавме како немоќно гледа во купиштата отпадоци, изненаден од постапките на своите сограѓани.
Градоначалникот на општината Ѓорче Петров и со молба и со апел
Се обративме и до надлежните за да го слушнеме и нивниот став во врска со овој проблем. Општинските власти велат дека изминатиот период интензивно се работело на уредување на локалитетот Крст-Кучково, за ѓорчепетровци да имаат убаво уредено катче каде што ќе можат да се рекреираат во текот на убавите сончеви денови и за време на викендите.
Според градоначалникот на општината Александар Стојковски, проектот, кој веќе е генерално финиширан, а во моментов се работи единствено на некои завршни детали, резултирал со масовна посетеност како од граѓаните на општината, така и од посетители од другите скопски општини, што лично за него претставува огромно задоволство.
– Изминатите два викенда ова место го посетиле над 5.000 луѓе, со што можеме да утврдиме дека е зголемена фреквенцијата на луѓе. За жал, со тоа и фрлањето отпадоци од храна и пијалаци е во зголемен обем. Ние како општина во изминатиот период поставивме неколку помали канти за отпадоци, како и два големи контејнера што служат за складирање на отпадот, но, и покрај тоа, сепак, се забележува несовесно фрлен отпад и по зелените површини во околината. Како градоначалник, замолувам и апелирам до сите граѓани што го посетуваат локалитетот да се однесуваат совесно и да го фрлаат отпадот на точно предвидените места за тоа, за да ја задржиме хигиената на локалитетот Крст-Кучково и околината на високо ниво. Ги повикувам сите заеднички да работиме на промоција на најубавото место за рекреација во нашата општина – апелира градоначалникот.
Наедно, тој најави дека Општина Ѓорче Петров во наредниот период ќе работи на доуредување на локалитетот и на поставување дополнителни помали канти секаде каде што циркулираат поголем број посетители. Тој е убеден дека сето тоа ќе придонесе и граѓаните да почнат да ги менуваат своите навики и да поведат малку повеќе грижа за локалитетот, кој станува сѐ поатрактивен и попосетен.