Граѓаните треба да се информираат за новиот вид, а надлежните служби да направат нов оперативен план со зголемена површина на третирање. Да се исклучи авиодезинсекција над населено место, бидејќи не дава задоволителни резултати од многу причини, пред сѐ од биологијата на комарците, особено тигрестиот, апелираат експерти од областа на медицинска ентомологија
СТУДОТ НЕМА ДА НЀ ОСЛОБОДИ ОД НАЕЗДАТА НА КОМАРЦИ
И покрај заладувањето, скопјани нема да се ослободат од агресивните комарци, кои изминатите неколку години се вдомија во главниот град. Сега, наместо надвор, комарците успеваат да влезат и да се вгнездат во домовите. Според експертите, најдобар спас од овие неуморни и упорни комарци се средствата против нив, но посебно одбрани и на специфичен начин аплицирани.
АЗИСКИ ТИГРЕСТ КОМАРЕЦ: НАПОРЕН, АГРЕСИВЕН, УПОРЕН
Неодамна беше реализирано десетто прскање против комарци во Скопје. И покрај многубројните дезинсекции против овие инсекти, граѓаните никако да се ослободат од убодите на агресивните комарци. Карактеристично за овој вид инсекти е нивната упорност, фокусираност на „пленот“, касаат и по неколкупати и имаат болни убоди.
И покрај заладувањето и падот на температурите, во Скопје сѐ уште има многу комарци.
Граѓаните веќе втора година по ред мака мачат со овој вид. Тие велат дека се чувствуваат беспомошно, поради многуте неуспешни начини да се ослободат од нив. Убодите се болни, а потоа иритацијата неконтролирано чеша, па делови од кожата се со мали ранички и крв, како последица на чешањето. Особено страдаат малите деца, кои не знаат и не можат да одолеат на нагонот за неконтролирано чешање.
– Нема дел од Скопје каде што ги нема комарците. Не е нормално колку се нападни и агресивни. Ти го бркаш, тој се враќа поупорен. Касаат насекаде, на лице, на раце, во глава, на уши, во голем број напаѓаат… касаат и преку облека, се пикаат во пружени алишта, таму се кријат за да влезат внатре. Сега, и дека е заладено, како да демнат на врата, чекаат само да отвориме за да влезат. Како да имаат стратегија на однесување и напаѓање – со доза на хумор вели Александра Стојановска, жителка на Автокоманда.
Според неа, нема повеќе разлика каде се наоѓаш. Комарци има насекаде.
– Дали си во парк, на плоштад каде што нема вегетација, дали си на планина, буквално секаде ги има, а се чини дека прскањето е залудно, кое се покажа дека воопшто не е ефикасно. И покрај тоа што беа реализирани десет прскања, комарци има во неконтролирано огромен број – вели таа.
Оние што ги посетуваат градските гробишта во Бутел велат дека таму, пак, може да бидете сведок на „облаци од комарци“ и инсект-инвазија.
– На моите родители изминатава недела им обележувавме помен. Само на едната рака имав одеднаш седум комарци, ќерка ми, која има три години, на лицето имаше пет комарци, секој каса на своја страна. Вакво нешто досега не сум видела – вели Милица Трпковска.
ЗОШТО Е НЕЕФЕКТИВНО ПРСКАЊЕТО СО АВИОН
Според експертите, станува збор за тигрестиот комарец, кој е нов вид во земјава, но веќе неколку години е застапен во сѐ поголем број. Овој комарец е азиски тигрест комарец и, како што говори и името, потекнува од азиските предели.
– Овој комарец има различни однесувања, различен животен циклус и активноста му е 24 часа. Неговите убоди се болни – вели Николина Соколовска, медицински ентомолог, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје.
Според неа, овој вид комарци освојуваат територии, па затоа можат да се забележат на нови локации.
– Ги има на локации каде што има повеќе влага, зеленило и вода. Освојуваат територии, се прошируваат и затоа ги има и на локации каде што досега ги немало – вели Соколовска.
Со оглед на тоа што летово голем број граѓани заминаа на одмор во Грција, многумина од нив до нашата редакција реагираа дека во делот околу планината Олимп, каде што се сместени излетничките места Лептокарија, Неи Пори, Платамона и други гратчиња, во кои до лани буквално имаше инвазија од овие комарци, ова лето буквално не биле каснати од комарец ниту еднаш.
– Не знам со што прскале, меѓутоа секоја чест. Ниту еден комарец не видовме. Надлежните кај нас треба да се консултираат со надлежните од Грција, да дознаат што преземаат грчките власти и како успеале да се справат со комарците – вели Фросина Богоевска.
На прашањето зошто и кај нас не се преземат мерки како што се преземени и кај нашиот јужен сосед, Соколовска вели дека во Грција важат препораките од СЗО и ЕУ за употреба на инсектицидите, а тоа се синтетски пиретроиди што се аплицираат само од земја, нема авиодезинсекција за третирање возрасни комарци и користат биолошки препарати за третирање стоечки водни површини за ларвите.
– И кај нас се употребуваат синтетски пиретроиди. Треба да се информираат граѓаните за новиот вид, а надлежните служби да направат нов оперативен план со зголемена површина на третирање. Да се исклучи авиодезинсекција над населено место, бидејќи не дава задоволителни резултати од многу причини, пред се од биологијата на комарците, особено тигрестиот – потенцира Соколовска.
Она што во овој период треба да нѐ загрижува е тоа што овој вид комарец ќе влегува по домовите и така ќе успее да ги преживее студените денови.
– Сега влегуваат во домови, некои од нив ќе презимуваат како возрасни комарци или куќни комарци, а некои во стадиум на јајце. Целта е да се намали нивната популација, никако да се истребат, бидејќи тие се дел од екосистемот и имаат улога во опрашувањето и се дел од синџирот за исхрана – вели таа.
Овој вид комарец првпат во земјава е детектиран во 2016 година, во реонот на Богданци, но во 2018 година е забележано неговото проширување во Дојран и во повеќе општини во Скопје, а денес го има насекаде.
Зошто комарците касаат
Среќа во несреќа е што машките комарци не касаат, инаку на човечката мака ќе ѝ немаше крај. Касаат само женските комарци, бидејќи потребна им е крв за да продуцираат јајца. Откако женката ќе ја задоволи потребата од крв, каде што има специфични протеини што ѝ се потребни, таа може да произведе и да постави од 30 до 300 јајца одеднаш. За да произведе уште јајца, таа мора повторно да се нагости со човечка крв. Машките комарци се хранат со нектар и сокови од билките.
Дали навистина комарците претпочитаат одредена група луѓе?
Некои луѓе тврдат дека комарците повеќе сакаат да ги касаат нив отколку другите. Тие велат дека како да имаат магнет за комарци, па никако не можат да се спасат од здодевните убоди.
Науката, пак, вели дека постојат повеќе фактори што влијаат на тоа дали и кого ќе касаат комарците. Една од причините е произведувањето јаглерод диоксид, кој вообичаено го испуштаме кога дишеме. Количеството јаглерод диоксид се зголемува кога луѓето реализираат некоја физичка активност, а зголеменото количество јаглерод диоксид всушност им покажува на комарците дека во непосредна близина има човек.
Специфичните телесни мириси и потта исто така може да бидат причина поради која некои луѓе им се омилени на комарците. Одредени состојки што ги има на човечката кожа и во потта ги привлекуваат комарците. Меѓу тие состојки се млечната киселина и амонијакот. Иако науката сѐ уште истражува зошто едни луѓе се поатрактивни за комарците од други, причини можат да бидат и генетиката, одредена бактерија на кожата или, пак, комбинација од двете.
Бојата на облеката што ја носат луѓето исто така функционира како магнет за комарците. Науката докажала дека црната боја и другите темни бои се најпривлечни за комарците.
Обожавателите на пиво исто така се почесто жртви на комарците. Една студија направена во 2002 година за ефектите на алкохолот врз атрактивноста на луѓето за комарците вели дека лицата што пијат пиво се поатрактивни за овие досадни инсекти. Бремените жени исто така се цел на комарците, а причина за тоа е зголемената телесна температура, бидејќи комарците сакаат топло.
Сепак, научниците што учествуваа во проектот укажуваат дека истражувањата сѐ уште не се комплетирани и изнесените заклучоци се подготвени врз основа на досегашните резултати.