На вонредната конференција за медиуми градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовка, попладнево изјави дека деновиве се проширија шпекулации за наводни проблеми во функционирањето на јавните претпријатија, особено за Водовод и канализација.
– Наспроти паниката која сакаат да ја креираат неколкумина лица, Градот Скопје има континуирано снабдување со вода. Ги охрабрувам работниците своето право на штрајк да го практицираат секогаш кога сметаат дека нивните права се прекршени. Но, исто така до нив апелирам да не дозволат да бидат инструмент на неколкумина поединци кои сакаат да се вплеткуваат во политички пресметки – кажа Арсовска и додаде дека синдикалните организации треба да ги штитат правата на работниците, а не на неработниците.
– Нападите и заканите доаѓаат во момент кога е најавена департизацијата на Град Скопје и има најава за оптимизација на работните процеси. Оние кои го најавуваат штрајкот во ЈП Водовод и канализација треба да ја кажат вистината. Ова што се случува во овој момент, не е нешто што е борба за работнички права. Најавен беше прекин на водоснабдување во Скопје. Апелирам до Јавното обвинителство и сите кои сметаат дека ова е индиција за попречување на работата на едно јавно претпријатие, да си преземат дејства за оваа закана да не се реализира – изјави Арсовска.
Таа додаде дека ова ЈП е претворено во биро за вработување, дека дел од вработените не ги извршуваат своите основни работни обврски.
– Имаме дефицит на технички персонал, а имаме огромна бројка на администрација – рече Арсовска и додаде дека градот Скопје ќе има вода.
Во ЈП Водовод и ванализација вработени се 1.200 лица.