„Притисок“, „манипулации“, „рачиња во мед“ беше дел од речникот на седницата за советнички прашања на Град Скопје.
Советникот Луке Галевски ја нападна градоначалничката Данела Арсовска дека го компромитирала проектот за изградба на пречистителна станица за Вардар вреден 160 милиони евра, а таа возврати дека тоа се лаги и дека „Христијан Мицкоски се крие и заканува, но никогаш нема да излезе од тендер-матрицата“.
Галевски на денешната седница и постави прашање на градоначалничката Данела Арсовска за тоа дали има поврзаност со Акрем Керим, чија компанија од Турција исто така учествувала на тендерот за прочистителна станица со 20 милиони евра пониска понуда, за која во медиумите се дознало пред отворањето на понудите. На советниците кои претходно и поставија прашања, Арсовска им рече дека ќе им одговори писмено, но на Галевски одлучи да му одговори усно.
-Советниче, кога лажете и мавтате со документи, ви се тресе рачето и ви трепери гласот. Каде е шпицниот градоначалник, не го гледам тука? Кај се крие Мицкоски? Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни, храбри луѓе. Мицкоски за жал не е еден од тие – кажа Арсовска во нејзиното обраќање.
И таа го праша Галески како до вчера за нив била најдобар градоначалник на Скопје, но сега не е.
-Како до вчера бев најдобар градоначалник на Скопје, а откако ви го фатив директорчето со рачето во медот сега одеднаш не чинам. На сите тие прашања ќе си дојдат одговорите. Но јас како што гледаш, не ми трепери гласот, и не ми се тресат рачињата кога ви се обраќам. За тој спорен тендер има кој да си одговори зошто не постапувал како треба. Јас ќе си продолжам по патот на правдата како што беше и до сега, како што и до вчера за вас бев најдобар градоначалник. Ама Мицкоски од тендер матрицата нема никогаш да излезе. Тоа верувам на сите тука ви е јасно. Како што ви е јасно зошто од денеска не чинам, а до вчера бев супер – рече Арсовска.
Европската инвестициска банка синоќа соопшти дека од почетокот се почитуваат условите и обврските за исплата на средства за Проектот за пречистување на отпадната вода во Вардар.
„Обидите да се ревидира стратегијата за набавки без соодветно оправдување може да предизвика одложување на набавката“, објаснува банката.
Арсовска го разреши директорот на Водовод и канализација, Златко Перински, поради, како што објасни, самоволие и влијание токму врз овој тендер, а тој ја обвини дека побарала смена на членовите на евалуационата комисија, што не било одобрено од банката-кредитор. Претседателот на Советот, Трајко Славески изјави дека ако се потврдат сомневањата за упад на Арсовска во процесот, може да побараат и интервенција на правосудните органи.