Алармантната состојба со загадувањето е укината, но зимава веројатно ќе се повторат високи концентрации на ПМ10 честички во воздухот, при неповолни временски услови, бидејќи не се преземаат системски мерки, вели поранешната директорка на Институтот за животна средина, Ана Петровска, во разговор за „Нова Македонија“ за состојбата на воздухот, по забележаното загадување во изминатите денови.
Таа посочува дека со новиот закон за квалитет на амбиентен воздух ќе се овозможи Градот Скопје да формира координативно тело од сите надлежни институции и да донесе нов план за краткорочни мерки, кои ќе помогнат во намалување на загадувањето во Скопје, но и во останатите делови од земјата.
– Со новите закони за квалитет на амбиентен воздух и за контролирање на индустриски емисии, со формирањето на координативно тело од надлежните инситуции и план за краткорочни мерки, како и со инвестирање во обновливите извори на енергија, може да дојде до пониски концентрации на штетните ПМ10 честички во воздухот низ цела Македонија – смета Петровска.
Мерките, според Петровска, сега ќе бидат обврзувачки, откако претходно беа само препораки.
– Мерките може да опфатат ограничување или забрана за работа на индустријата, на градилиштата, забрана за сообраќај во одредени зони или исклучување од сообраќај на некои возила и, за разлика од порано, кога овие мерки беа само препораки, истите сега ќе имаат извршна сила, односно ќе бидат обврзувачки – објаснува поранешната директорка на Инспекторатот за животна средина.
Петровска, која е неуморлив борец за здрава животна средина, законот им пружа на градските власти можност за справување со загадувањето, која мора итно да се искористи, уште додека трае грејната сезона. Таа посочува дека треба да се вршат контроли на квалитетот на мазут и на останатите горива што се употребуваат во индустријата и во и други инсталации.
– На национално ниво мора да се донесе законот за индустриски емисии и да се воведе континуиран мониторинг на емисиите од големите загадувачи. Мора да се врши и контрола на квалитетот на мазутот и екстра лесното гориво што се гори во болниците, училиштата и градинките – категорична е Петровска.
Од важност е и обрнувањето внимание на обновливите извори на енергија.
– Треба да се обрне внимание и на обновливите извори на енергија, особено сончевата енергија, како и да се инвестира во енергетска ефикасност, да се зголемат инвестициите за клима-инвертерите и да се дополнат со субвенции за фотоволтаици, имајќи предвид дека цената на електричната енергија во иднина ќе расте – заклучува Петровска.