Исчистени се трите големи диви депонии кај Теферич.
Градоначалникот Ѓорѓиевски изврши увид во работата на сезонските работници ангажирани од општина Кисела Вода и службите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
„Продолжуваме со интензивно чистење на депониите во општината. Денес се работи на Теферич, локација каде што е евидентно колку досега не се водело грижа за животната средина. Заедно со ‘Комунална хигиена’, претпријатие во надлежност на град Скопје, излеговме во преземање теренски активности со цел ефикасно да се справиме со непрописно одложениот отпад. Сепак, освен естетски, овој проблем има и друга, поголема димензија, која го засега здравјето на луѓето и животната средина во целост. Потсетувам дека интензивно работиме и на чистење на депонијата во Дупки, а ќе продолжиме со чистење и ремедијација на сите депонии на територијата на општината. Се надевам дека на овој начин ќе ја облагородиме животната средина, но и ќе ја подигнеме свеста кај граѓаните за потребата од соодветно одложување на отпадот“, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Покрај чистењето на депонијата кај Теферич, сезонските работници денес работеа и во населбата Драчево, на потегот околу улицата Коперникова.
Се собираше комунален отпад, се метеа и собираа паднатите лисја, со цистерна се миеја улиците, плочниците, тротоарите и паркинзите.