Приоритет секогаш ќе бидат пешаците, велосипедистите и јавниот превоз, истакна скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој денеска учествуваше на панел дискусија на конференцијата за безбедност на патиштата.
– Едно од главните предизборни ветувања на кое што заеднички ставивме потпис со некои од иницијативите денеска присутни овде, беше дека секоја нова улица или булевар во Скопје ќе биде градена со задолжителни пешачки и велосипедски патеки. Проектите кои ги започна новата градска администрација како новиот мост на булеварот АСНОМ, булеварот Босна и Херцеговина или булеварот Христијан Тодоровски Карпош, имаат издвоени простори за ранливите категории во сообраќајот – посочи Шилегов.
Планот на Град Скопје е да го следи примерот на останатите европски градови и да донесе стратегија за унапредување на безбедноста во сообраќајот за период од пет години.
Дополнителен проблем во Скопје е и што општините и градот немаат своја сообраќајна полиција и зависат од расположливоста на МВР.
– Посветеноста што ја имавме изминатите седум месеци во поставувањето метални столпчиња за физичко одвојување на просторот за пешаци и велосипедисти е одличен начин како да се заобиколат прашањата како соработката со полицијата и расположливоста на пајаците. Горд сум на бројката од околу 10 километри должина на тротоари кои некогаш беа окупирани од непрописно паркирани возила, а сега се ослободени за користење на ранливите категории во сообраќајот- рече Шилегов.