Скопскиот градоначалникот Петре Шилегов вели дека постојниот објект на Универзалната сала ќе се реконструира во сегашниот облик и големина, а средствата треба да се добијат од претстојниот ребаланс на Буџетот, коj очекува да биде изгласан деновиве.
– Имајќи предвид дека стручната фела се изјасни дека на локацијата на Универзалната сала не е возможно да се изгради објект со поголеми димензии, мојата желба беше да се реконструира Универзалната сала во постојаниот габарит, а да изградиме нова концертна сала на друга локација. Во првиот дел успеавме и сакам да се заблагодарам за разбирањето на премиерот и на Министерството за култура, каде се издвојуваат средства со ребалансот на Буџетот во износ од 2 милиона евра, каде по носењето на ребалансот овие средства ќе бидат префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје – рече Шилегов.
Тој најави дека во меѓувреме ќе се вршат проценки и пресметки за веднаш штом се добијат средствата да може да започнат постапките за јавни набавки и што е можно побргу да започне реконструкцијата на салата.
– Се надевам дека сите постапки ќе се одвиваат брзо за на почетокот на следната концерта сезона, Универзалната сала повторно биде отворена – истакна градоначалникот.
Додаде дека активностите нема да застанат тука и дека досега има одржано повеќе средби со министерката за култура околу плановите за изградба на нова, поголема концертна сала која би ги задоволила потребите на градот.