Брзото возење по оваа сообраќајница сега особено ги загрижува родителите, чии деца ќе мора да поминуваат преку Васил Ѓорѓов за да стигнат до новото училиште во Капиштец, со капацитет за 500 ученици. Градот допрва на совет ќе носи одлука за тоа колку финансиски средства да одвои за основен проект за сообраќајна сигнализација на оваa и уште една улица
На улицата Васил Ѓоргов во населбата Капиштец граѓаните дури и на пешачки премин тешко можат да поминат од едната на другата страна, бидејќи се вози со преголема брзина. Малкумина се оние што оддалеку ја намалуваат брзината пред да застанат да ги пропуштат пешаците. Често се слуша чкрипење на сопирачките, непосредно до пешачките премини, а најфреквентно е секогаш кај катната гаража „Зебра“. Граѓаните на оваа скопска сообраќајница постојано се изложени на опасност, бидејќи тротоарите, наместо за пешаците, како да служат за автомобилите, кои постојано се паркирани лево или десно од улицата. Наместо по тротоар, принудени се да пешачат по коловозот, каде што повторно се изложуваат на опасност и мора да внимаваат на брзината на автомобилите. Брзото возење по оваа сообраќајница сега особено ги загрижува родителите чии деца ќе мора да поминуваат преку Васил Ѓорѓов за да стигнат до новото училиште во Капиштец, со капацитет за 500 ученици. На оваа улица нема сообраќајна сигнализација, која ќе овозможи поголема безбедност, а досега веќе требаше да биде поставена. Останаа само уште четири дена пред почетокот на новата учебна година, а градот допрва на совет ќе носи одлука за тоа колку финансиски средства да одвои за основен проект за сообраќајна сигнализација. Токму поради тоа ќе помине многу време додека се реализира идејата. А дотогаш учениците ќе мора да се снаоѓаат како знаат и умеат кога ќе преминуваат преку улица, иако влезот на новото училиште Киро Глигоров не е на оваа сообраќајница. Токму поради тоа што сега и децата ќе бидат изложени на опасност, граѓаните сметаат дека надлежните ќе мора да се погрижат што поскоро да направат сѐ за да ја зголемат безбедноста на учениците, и тоа пред сите училишта каде што се вози брзо.
– Најмногу се плашам сега за децата што ќе одат во новото училиште. Иако влезот е од другата страна, сепак децата се деца и можеби ќе поминуваат од другата страна на улицата Васил Ѓоргов. Се вози лудо и брзо и затоа мора да се направи нешто за нашите најмали – вели загрижена баба, жителка на Капиштец.
Пред неколку години жена го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи на улицата Васил Ѓоргов, во близината на ТЦ „Зебра“. Автомобилот што ја прегази се движел со недозволена брзина и заврши во излозите на блиската фризерница, качувајќи се дури по скалилата што водат до неа. Лани во сообраќајна несреќа на оваа улица исто така беше повредена жена, која заврши со тешки повреди во Ургентниот центар, а годинава само пред неколку месеци исто така се случи несреќа на оваа улица, кога при судир меѓу мотоцикл и автомобил, мотоциклистот доби повреди и исто така заврши во болница. Ова се само дел од сообраќајните несреќи на улицата Васил Ѓорѓов, кои потврдуваат дека оваа улица претставува една од поопасните во Скопје. Градот веќе најави издвојување финансиски средства за основен проект за сообраќајна сигнализација на оваа сообраќајница, за што советниците треба да одлучуваат на наредната седница на советот. Но до финалната реализација на проектот ќе помине многу време, а и учебната година ќе почне.
Главната грижа на родителите е како децата да бидат безбедни во сообраќајниот метеж кога ќе одат на училиште. Во врска со овој проблем не се чувствуваат опуштено ниту родителите на децата што одат во основните училиште Димитар Миладинов, спроти зеленото пазарче, ниту пак оние чии деца се ученици во ОУ „Блаже Коневски“ во Аеродром, како и во кое било друго каде што е во прашање безбедноста на децата. Дополнителна сообраќајна сигнализација веројатно многу повеќе ќе ја зголеми безбедноста на децата, која, како што велат родителите, треба да им биде приоритет на градските власти.
Градот Скопје во соработка со општината Центар периодов предвидува поставување сообраќајна сигнализација на улиците, чија цел е да ја намалат брзината на сообраќајот. Дел од причината за поставување сигнализација е да се намали брзината на сообраќајот на овие улици за да се овозможи побезбеден пристап до училиштата што се наоѓаат на територијата на градот Скопје. Како дел од овој проект за забавување на сообраќајот се улиците Васил Ѓоргов и Адам Мицкиевиќ. Но, според последните информации, во процес е изработка на основен сообраќаен проект за поставување технички средства за забавување на сообраќајот на овие улици и поставување сообраќајна сигнализација на улиците во согласност со основниот сообраќаен проект, кој треба да се најде на дневен ред пред градските советници.
Градот Скопје не ни одговори на прашањето кога би можело да се види новата сообраќајна сигнализација. Од друга страна, пак, од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата велат дека учесниците во сообраќајот секојдневно се сведоци на голем број негативни примери на непрописно и опасно учество во сообраќајот. Тие велат дека не се почитуваат сообраќајните правила и прописи, сообраќајната сигнализација, а има и ниско ниво на култура, етика, толеранција, како и ниско ниво на меѓусебно почитување помеѓу учесниците во сообраќајот. Ваквата состојба резултира со голем број сообраќајки и голем број загинати и повредени лица во сообраќајни несреќи. Анкетите на РСБСП покажуваат дека околу 50 отсто од возачите не секогаш ги почитуваат сообраќајните знаци и поставената сообраќајна сигнализација. Но ова не смее да се случува на улиците по кои сега ќе се движат деца.