Учениците од ДСУ „Георги Димитров“ од отсекот хортикултура заедно со учениците од второ одделение од ОУ „Коле Неделковски“ денеска со садење на цвеќиња во паркот на Градската библиотека „Парк на поезијата“ го одбележаа Светскиот ден на планетата Земја. Овој проект е наречен „Хортикултурна библиотека“ а е во организација на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Целта на проектот е децата уште од најрана возраст да ја развијат свеста за зачувување на зеленилото и екологијата.
– По повод Денот на планетата Земја, заедно со основците и со средношколците здружено и организирано го уредуваме дворот наречен „Двор на поезијата“ во Градската библиотека. Активноста со малите дечиња е садење на цвеќиња, декоративни растенија и запознавање и мотивирање на младите да ја засакаат природата, екологијата, да развијат висока еколошка свест, и секако љубов понатаму кон природата- рече Горан Дејановиќ, наставник по хортикултура од ДСУ „Георги Димитров“.
Додаде дека моментално во Скопје има една паралелка во генерација која го изучува предметот хортикултура, но и дека се изготвуваат нови настани и програми каде што акцентот ќе биде ставен повеќе на пракси и на вежби, а помалку на теорија, зашто како што рече, суштината на оваа професија е да се сработи нешто, и да се види.
Ивона Џамтовска-Јанкуловска, вработена во Градската библиотека „Браќа Миладиновски“ и организатор на настанот, рече дека целта на проектот е да се сочуваат сите видови на планетата Земја, но и јакнење на свеста кај најмалите за одржување, негување и заштита на екологијата.
– Со години наназад Градската библиотека го прославува Денот на планетата Земја со низа различни активности во кои секогаш ги вклучуваме најмалите читатели. Ова е едукативен проект каде што помладите учат од постарите, и тие денеска не само што ги засадија цвеќињата, туку тие учеа и за лековитите билки, за нивниот благодет и како да си го сочуваат своето здравје- рече Ивона Џамтовска-Јанкуловска.