По иницијатива од ЗЕЛС беше организирана голема еколошка акција во општините

Градот Скопје се вклучи во големата акција за чистење и разубавување на животната околина, која се реализира во саботата. Оваа голема еколошка акција беше организирана по иницијатива од Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС).
Во акцијата за расчистување на отпадот учествуваа сите градски јавни претпријатија со целокупната механизација и човечки потенцијал. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов ги повика во акцијата да се вклучат и граѓаните, но тие масовно не се појавија.

За чистењето на отпадот беше ангажирана секоја од општините во своите реони за кои беа задолжени да го направат тоа.
Големото чистење во Скопје почна од булеварот 8 Септември, па продолжи во правец на булеварот Илинден сѐ до улицата Скупи.
– Заложбата за почиста и поздрава животна средина за сите е еден од најважните приоритети на нашето дејствување. Оваа е само една од многубројните активности што градот Скопје и јавните претпријатија изминатиов период ја спроведоа во насока на зголемување на чистотата и јавната хигиена. Пред оваа активност се организираа акции за чистење на градот од диви депонии и миење на улиците, соопшти Ваљон Салиху, портпарол на градот Скопје.

Тој додаде дека во акцијата „Пријави депонија“ граѓаните пријавиле над 200 диви депонии, за кои информира дека се чистат една по една и искажа благодарност до сите што се вклучиле и помогнале во мапирањето на дивите депонии. Градот уште еднаш ги повика сите граѓани и општествено одговорни фирми, институции и невладини организации да се приклучат и да помогнат во акцијата за чисто и незагадено Скопје.
Не се доволни само акции за Скопје да стане чист град. Неминовно е да се каже дека за да имаме здрава и чиста околина потребни се промени и во однесувањето на граѓаните, особено во начинот каде и како го фрлаат комуналниот отпад. Домашниот отпад не треба да завршува во парковите, во малите кошнички за отпад за ситен отпад, на постојките, на тротоарите, шеталиштата, на плоштадите…


Кисела Вода почна со чистење на одводните канали

Општината Кисела Вода ja почна акцијата за чистење на одводните канали на нејзината територија. Ангажираните работници од вчера работат на расчистување на Мала Рада. Се чисти просторот од мостот на Партизански пат до пречистителната станица во населеното место Студеничани за да се отстранат наталожената тиња и отпадот фрлан од несовесни граѓани.
Со оваа акција ќе биде исчистен и Црниот канал во делот од улицата Малешевска до спојот со каналот на Мала Рада во Потстаница.
Како што информираат од Кисела Вода, акциите за чистење на одводните канали се дел од редовните активности на општината. Тие ќе продолжат и во летниот и почетокот на есенскиот период, а доколку има потреба, ќе се реализираат и почесто.
Од општината апелираат до сите граѓани за совесно однесување и почитување на Законот за јавна чистота. Фрлањето отпад во одводните канали прави штета, пред сѐ на жителите на општината и на нивното секојдневно живеење.
Х.Ј.