Маалски центар во Карпош 1

Општина Карпош започна активности на терен за уредување на уште еден јавен простор, овој пат во населбата Карпош 1 на улицата Иван Аговски меѓу зградите со броевите 8 и 10. На овој потег е предвидено да се посади нова трева на површина од 1.300 квадратни метри. Надлежните велат дека ќе се постави и нов систем за наводнување со намера новото зеленило да биде подобро одржувано и да биде пофункционално. Дополнително, хортикултурно ќе биде облагороден овој дел со садење нови украсни растенија. Исто така, механизацијата веќе работи и на новото детско игралиште, кое ќе овозможи рекреација и дружба на најмладите сограѓани.
– Со овие маалски центри сакаме секоја урбана заедница, секоја населба да добие свое јадро, место за рекреација, поминување на слободното време, организирање настани, партија шах и слично. Токму минатата година го ресетиравме и меморијалниот турнир „Сокол“, кој е симбол на маалската дружба во Карпош 1. Општина Карпош продолжува да инвестира во заштита на животната средина, во развивање населби, кои овозможуваат поквалитетен живот за сите граѓани – вели градоначалникот Стефан Богоев.

Надлежните потсетуваат дека неодамна целосно беше уреден и делот спроти Драмскиот театар, во Карпош 2, каде што беше засадена нова трева, беше поставен и систем за наводнување, а се монтираше и нова урбана опрема, клупи и канти за отпадоци. Додаваат дека паралелно се работи и на новиот спортско-рекреативен центар во Карпош 3, во дворот на основното училиште „Лазо Трповски“.


Без струја дел од Кисела Вода и дел од Центар

Објектите што се наоѓаат на булеварот Борис Трајковски лоцирани пред каналот Усје, како и објектите лоцирани пред и зад станицата за технички преглед во Општина Кисела Вода денеска четири часа ќе имаат прекин во напојувањето со електрична енергија. Како што информираат од „ЕВН Македонија“ АД, без електрична енергија ќе останат во периодот од 8.30 до 12.30 часот. Во делот на Општина Кисела Вода во периодот, пак, од 8.30 до 13.30 часот исклучени од електросистемот ќе бидат и објектите во состав на бивша Стаклара, како и оние во нејзината близина за кои напојувањето со електрична енергија е од бивша Стаклара.

И дел од корисниците на Општина Центар денеска цели пет часа ќе останат без напојување со електрична енергија, поточно исклучени од електричната мрежа во периодот од 10 до 15 часот ќе бидат граѓаните од улицата Кукушка.