Во Ѓорче Петров ќе се реконструираат 60 улици
Во Општина Ѓорче Петров надлежните не запираат со реализацијата на тековните работи, а ќе продолжат да се одвиваат и градежните зафати за асфалтирање на улиците, како во руралниот така и во урбаниот дел на општината. Ќе се реконструираат вкупно 60 улици. Интензивно се асфалтираат и улици во населеното место Волково.
– Продолжуваме посветено во борбата против пандемијата, ги скративме непродуктивните трошоци, но не сопираме со темпото на работа. Интензивно ќе работиме на асфалтирањето на 60 улици на територијата на општината, како во руралниот така и во урбаниот дел – информираат од Општина Ѓорче Петров.
Во Аеродром повторно се дезинфицираа јавни површини
Службите на Општина Аеродром извршија повторна дезинфекција на јавните површини, како една од мерките за заштита од коронавирусот. Екипи излезени на терен ги дезинфицираа пешачките патеки, парковите, клупите за седење, детските и спортските игралишта.
Надлежните од Општина Аеродром и овој пат апелираат до граѓаните да останат дома и да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство.
Во Бардовци обновени две улици
Општина Карпош заврши со реконструкција на две улици во населеното место Бардовци. Станува збор за реконструкција на крак од улицата 19 и од улицата 20. Улицата 19 е во должина од 150 метри и ширина од три метри, а кракот од улицата 20 е во должина од 140 метри и ширина 3, 80 метри.
– Овие две локални улици претставуваат пристап за поголем број на домаќинства, куќи во овој дел од Карпош. На овој начин, се олесни движењето и се зголеми безбедноста за граѓаните и нивните возила, имајќи предвид дека овие улици со години беа во руинирана состојба. Во изминатиот период, во Бардовци се реконструираа крак од улицата 18 и крак од улицата 4 – велат од Општина Карпош.
Од локалната самоуправа најавуваат дека продолжуваат со подобрување на инфраструктурата во периферните делови на Карпош, но и во урбаниот дел.