Претставници на државни и културни институции, здруженија на граѓани од областа на културата, спортот и архитектурата денеска разговараа за моменталната состојба во која се наоѓа Универзалната сала, за нејзината иднина и за потребите на фелата и на публиката, на трибина што се одржа во просториите на МКЦ, а во организација на град Скопје.

На трибината присуствуваше и градоначалникот Петре Шилегов, кој ги слушна идеите и мислењата на присутните.

Модераторот на трибината, советникот во Советот на град Скопје, Васко Лазаревски, на почетокот предочи дека од градот се разгледуваат 3 опции во врска со Универзалната сала – постојната сала да се реизгради на истото место; да се изгради нова сала на нова локација или во исто време и да се обнови стариот објект и да се гради нова сала.

– Немам цврст став која од трите понудени опции е најдобра. Но, ова е одлична можност да се слушне ставот на луѓето кои ќе ја користат, за да одговориме на прашањето што точно ни треба – рече Русе Арсов, директор на Младинскиот културен центар (МКЦ).

Според Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за развој на културата, понудената визија на градоначалникот да се зборува за нова локација и нов функционален простор е смела и треба да се поддржи.
– Креирањето на кандидатурата за Европска престолнина на културата 2028 ќе го стави Скопје во еден нов антипод на културната политика која е во склад со европските и светските политики – рече тој.

– Универзалната сала е симбол на солидарноста каква што е сега, но дали на културната јавност ѝ е потребен таков објект – сигурно не. Во градот итно треба да се смени мислењето за просторот, ние со оваа Универзална сала, која е руинирана, ги едуцираме нашите деца на лоша урбана култура. Овој објект не смее да остане долго ваков, зашто Универзалната сала за нас архитектите и за македонската архитектура нема значење – посочи Мартин Пановски, од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Мирко Попов од ПМГ Колектив кажа дека сегашната Универзална сала е „ругло на градот“, дека треба да се урне и да се изгради нов објект според најновите стандарди за организирање културни настани.
Според директорот на Универзалната сала, Филип Аврамчев, потребна е нејзина реставрација, но и изградба на нова сала за концерти.

– Две години сум директор на нефункционален објект. На Скопје му фали Универзална сала, но повеќе му фали концертна сала. Мојата идеја е што побрзо да ја реставрираме Универзалната сала, но и да изградиме нова сала за концерти – рече тој.

Архитектот Ангел Ситновски е на ставот дека граѓаните треба да одлучат дали да се реконструира постојната сала и дали да се гради сала на друго место, архитектите треба да понудат решенија, а градот да обезбеди финансиски средства.
Својот став по ова прашање го изрази и Оливер Белопета, од Скопскиот џез-фестивал.

– Сум организирал најмногу настани во Универзалната сала. Уште од 90-тите апелирам да се реши проблемот со ‘лименката’ и да се реши недостигот од летна сцена во Скопје. На Скопје му треба концертна сала со овој капацитет и тоа што побрзо. Тоа треба да го оставиме на стручната екипа во градот, да одлучат дали има адекватен проект за сала на тоа место – рече Белопета.