Рокот за субвенционирање на печки на пелети истекува заклучно со 21 мај, информираат од Град Скопје.
Граѓаните што ќе купат печки на пелети заклучно со 21 мај 2018 година, ќе добијат дел од трошоците за набавка во висина од 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.
Овој повик ќе се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.
Град Скопје го објави овој јавен повик за да се унапреди квалитетот на воздухот и да се намали аерозагадувањето, особено од партикуларните честички од затоплувањето на домовите што не се приклучени на централното греење.
Повикот за субвенционирање беше објавен на 5 април 2018 година и е предвидено да трае 45 календарски дена, заклучно со 21 мај 2018 година, или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена. Досега до Град Скопје се поднесени 163 барања за субвенции.