Цела зима расипан семафорот на раскрсницата на булеварот Босна и Херцеговина
На раскрсницата на улицата Ќемал Сејфула со булеварот Босна и Херцеговина, пешаците секој ден се доведуваат во опасност бидејќи семафорот постојано свети црвено
Цела зима не функционира зеленото светло на семафорот за пешаците на раскрсницата на булеварот Босна и Херцеговина со улиците Ќемал Сејфула и Бутелска. Секојдневно пешаците се доведуваат во опасност, бидејќи мораат да гледаат дали свети црвено на семафорот за возилата, кои треба да свртат лево од Ќемал Сејфула кон булеварот Босна и Херцеговина и да продолжат право кон улицата Бутелска. Всушност, се случува и од нивна страна да свети црвено, но црвено е и од странана на пешаците, кои од населбата Скопје Север поминуваат од другата страна, бидејќи зеленото воопшто не светнува. Оттаму некои граѓани на шега знаат да кажат дека на овој семафор наместо на зелено пешаците безбедно поминуваат само на црвено. Но проблемот со овој семафор не е за шега, бидејќи се случило пешак погрешно да го процени времето на црвените светла на крстосницата и да се најде пред чкрипењето на кочниците на некој од автомобилите што свртуваат лево или тргнуваат право кон населбата Бутел.
Она што зачудува е тоа што досега никој од надлежните не го забележа проблемот со семафорот. А такви пропусти нема само таму, ги има на повеќе места на скопските крстосници. Граѓаните се прашуваат дали некој ги контролира раскрсниците на кои има семафори, за навреме да ги отстрани дефектите со светлосната сигнализација или, пак, ќе треба за тоа да се јавуваат на некој телефонски број и да ги анимираат. Така, на пример, со месеци не функционираше семафорот кај „Веро џамбо“, а по пишувања во медиумите тој проработи. Граѓани тврдат дека подолго време не работел и семафор на булеварот Србија, а на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, како и оној во Бутел напати граѓаните поминуваат на црвено, бидејќи зеленото воопшто и не светнува. Ако се прават редовни контроли на семафорите, тогаш е невозможно да не се забележат ваквите пропусти.
– Надлежни за контрола за функционирањето на хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација се Секторот за сообраќај на градот Скопје и претпријатието „Улици и патишта“, кои работат во согласност со годишната Програма за одржување, проектирање и изведба на светлосна, хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација. Во согласност со оваа програма, одржувањето на сообраќајната сигнализација се врши во континуитет, а истата таа се извршува редовно, периодично и интервентно. Конкретно за семафорите (светлосната сигнализација), во согласност со програмата од 2019 година, се предвидени околу 33 милиони денари. На сите локации каде што има дефект во сообраќајната и вертикалната сообраќајна сигнализација, граѓаните можат да ги пријават до градот Скопје (Сектор за сообраќај) или до ЈП „Улици и патишта“.
Ако граѓаните мораат да пријавуваат, се поставува прашањето дали тогаш уште понеажурни ќе станат надлежните, ќе чекаат ли само на нивните пријави или пак ќе мораат да си ја вршат работата пред некој сериозно да настрада. Од јавното претпријатие „Улици и патишта“ тврдат дека секојдневно вршат обиколка низ градот.
– Екипите од ЈП „Улици и патишта“, кои ја одржуваат светлосната сигнализација на градските сообраќајници, секојдневно вршат обиколка и контрола на семафоризираните крстосници. Контролата се врши двапати во денот, во две смени, дневна и ноќна контрола на семафорите. Воочувањето на дефектите се врши преку редовната контрола на екипите во Секторот сообраќај и во постојана координација со ЦУКС (Центарот за управување и контрола на сообраќајот) со кои имаме контрола на 90 семафори на градските сообраќајници. Секако и преку интеракција со граѓаните, кои доколку забележат дефект треба да го пријавуваат на нашиот контакт-телефон во претпријатието 3 162 317, на фејсбук-страницата и поретко на официјалната страница на претпријатието. Екипите се известуваат навремено и реагираат на терен во најкраток временски рок – велат од јавното претпријатие „Улици и патишта“.