Фото: Игор Бансколиев

Сите истражувања што постојат и што се спроведени од нашите институции поврзани со загадувањето на воздухот, укажуваат дека како загадувачи се јавуваат транспортот, индустријата, неконтролираниот урбанизам, отпадот и домаќинствата. Кај нас како главен загадувач секогаш се посочуваат домаќинствата. Но последниот извештај на ЕУРОСАИ, во кој учествуваа европски ревизорски институции, вели дека најголем загадувач претставува индустријата, а по неа се домаќинствата. Во таква ситуација се поставува прашањето зашто постои разлика меѓу нашите и европските истражувања и дали ние правилно пристапуваме кон овој проблем?

Aлександар Дединец од МАНУ вели дека во студијата како главен виновник за Скопје може да се наведе загревањето на домаќинствата. Тригодишното истражување на МАНУ покажува дека 90 проценти од загадувањето го предизвикуваат домаќинствата. Но, исто така, важно е да се напомене дека во оваа студија не се истражува индустријата како причинител на загадувањето. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов постојано јавно изјавува дека домаќинствата се најголемиот загадувач.

– Индустриските капацитети во Скопје работат по утврдени европски стандарди и според сите студии имаат многу низок удел во загадувањето на воздухот. Вперувањето со прст во индустријата како главен причинител на загадувањето е дефокусирање од реалниот проблем, кој во голем дел го загадува воздухот, а тоа се домаќинствата што се греат на цврсти горива и неисчистените оџаци – изјави Петре Шилегов на форумот на темата „Главните градови соочени со проблемите поврзани со животната средина“ организиран од Францускиот институт во Скопје. Заменик-министерот од Министерството за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, го има истиот став. Во еден наврат се пошегува пред јавните медиуми и рече: „Може да зборувате и за моите мустаќи и да правите фотомонтажи, но не можете против реалноста, а таа покажува дека главни загадувачи на воздухот се домаќинствата“.

Властите и еколошките здруженија во една работа се согласуваат, а тоа е дека проблемот треба систематски да се решава. Поточно дека доколку не се пристапува кон сите загадувачи еднакво не би можел да се реши проблемот. Тоа го велат сите познавачи на екологијата и заштитата на животната средина. Сепак, кога веќе се даваат мерки и предлог-мерки од Владата, тие мерки се врз основа на некој план. Според најновите податоци од европскиот извештај во кој се утврдува дека индустријата претставува најголем загадувач, се поставува прашањето дали ние го имаме „утнато“ планот за пристап. Од една страна, според нашите истражувања, индустријата скоро и да не се ни спомнува како загадувач, едноставно нема податоци колку загадува, а од друга, според европските истражувања, ние имаме проблем со загадување од индустријата. Конфузно нели? Затоа поставивме прашања до градот Скопје и до Министерство за животна средина и просторно планирање за ресчекорот од европскиот извештај и нашите истражувања. Од Министерството не беа во можност да ни одговорат, додека, пак, од градот Скопје велат дека не можат да го коментираат посочениот извештај.

– Градот Скопје во моментов не може да го коментира посочениот извештај, бидејќи истиот тој не е доставен до нас. Треба да истакнеме дека истиот тој се однесува на загадувањето во Република Македонија, а не за Скопје конкретно.
Нашите студии и стратегии се правени само за загадувањето во Скопје и истите анализи и истражувања се изведувани по светски стандарди, во реномирани лаборатории каде што е проверуван хемискиот состав на честичките во воздухот. Тргнувајќи од оваа точка, логично е да има разлика во податоците бидејќи нашите студии и истражувања се базираат исклучиво за Скопје, додека посочениот извештај е за целата држава – велат оттаму.

Сите информации укажуваат дека е потребно целисходно истражување во кое убаво ќе се анализираат сите причинители на загадувањето за да може плански да се реши проблемот. Сегашните владините мерки како мораториумот за градба, повремениот бесплатен јавен превоз во услови на екстремно загадување, чистењето на улиците, зголемувањето на цените за паркирање, праќањето на инспекторите за проверка и контрола на загадувачите навидум ги опфаќаат сите причинители на загадувањето. Но како што можат да забележат граѓаните, од тие мерки ефект нема, воздухот повторно е загаден.


Забелешките и препораките од извештајот на ЕУРОСАИ

Од неодамна се појави извештај од ЕУРОСАИ, кој е изработен од ревизорски институции од Европа, заедно со Европскиот суд на ревизори. Во извештајот од меѓународно ревизорско тело, составено од 15 врховни ревизорски институции од Европа, беше утврден квалитетот на воздухот на Албанија, Бугарија, Естонија, Грузија, Унгарија, Израел, Косово, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Шпанија, Швајцарија, Македонија и во Холандија. Главните заклучоци за Македонија во извештајот беа дека системот за управување со квалитетот на воздухот во Македонија не е правилно организиран и координиран, дека не постои систем за следење на спроведувањето на секоја мерка и дека инспекциите за животна средина се спроведуваат без никаква координација на централно и на локално ниво. Планот не содржи показатели за мерење на ефективноста за спроведување на политиката што го отежнува следењето на мерките за постигнување на целите на Владата и политиките за борба против загадувањето на воздухот. Затоа препорачуваат централната и локалната власт да почнат со наметнување санкции за непочитување на мерките за загадувањето, но и обезбедување поголем буџет за справување со овој проблем.