Досега за обука за оџачари се пријавиле само шестмина невработени
Градот Скопје го продолжи рокот за пријавување на заинтересираните за јавниот оглас за обука за оџачари до 25 мај годинава. Според предвиденото, обуката требаше да опфати 26 кандидати за оџачари, а досега, според информациите од градот, биле пријавени само шестмина.
Бројката зборува дека многу малку невработени и работоспособни лица биле заинтересирани да бидат оџачари и да се занимаваат со чистење оџаци или, пак, не сакаат летово да го поминат во обука за нова професија. Од градот потсетуваат дека кандидатите за времетраење на обуката ќе добиваат и надомест од 9.000 денари месечно.
– Обуката за оџачари се планира да почне на 1 јуни, а ќе трае три месеци. По завршувањето на обуката, на секој кандидат, покрај сертификат, ќе му бидат обезбедени основни материјали за отворање сопствен бизнис и извесно вработување, имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од градот. За таа цел, предвидени се 10 милиони денари за субвенции за чистење на оџаците. Овие субвенции ќе се реализираат по успешно спроведената обука на новите 25 оџачари – соопштуваат од градот.
Оттаму додаваат дека обуката на новите оџачари ќе ја реализира токму градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Градските власти информираат дека во Скопје сега има само 8 регистрирани оџачари, а 45 отсто од вкупниот број домаќинства се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот. Според некои податоци во Скопје има над 60.000 оџаци што многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен.
Оваа мерка е само дел од чекорите, велат, што ги презема градот Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.