Фото: Игор Бансколиев

СЕЗОНА НА ИНСЕКТИ ШТО МОЖАТ ДА МУ НАШТЕТАТ НА ЧОВЕКОТ

Она што како превентива треба да го направат граѓаните е кога одат во природа или на места каде што се очекува присуство на крлежи да носат облека што го покрива телото, долги ракави и ногавици, облеката да биде со светла боја, капа на главата и, секако, да се употребуваат средства против инсекти (репеленти) по телото и облеката. При враќање од прошетка, добро да се протресе облеката и да се испере, да се направи детален преглед на телото и особено да се обрне внимание на косматиот дел од главата, зад ушите, под пазувите, препоните, папокот, зад колената, вели Николина Соколовска, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје

Овој период од годината секогаш се карактеризира со топло време и зголемено количество врнежи, поради кои зеленилото, а особено тревните површини многу брзо растат, па со тоа теренот е совршен за зголемена појава на крлежи. Со оглед на тоа што не постои никаква мерка што може да ја спречи појавата на овие мали пајаковидни инсекти, граѓаните треба да ја зголемат претпазливоста и да бидат внимателни кога со своите деца и миленици шетаат во парковите.

ЗГОЛЕМЕНА ПОЈАВА НА КРЛЕЖИ

Градскиот парк, Марков манастир, Пеленица, Скопска Црна Гора, Водно, кејот покрај реката Вардар и Кучково, се најчесто посетените места за рекреација од страна на жителите на Скопје. Овие локации изобилуваат со зелени површини, па при посетата на овие локации, потребно е граѓаните да бидат особено внимателни, поради тоа што сезоната на крлежи веќе започна.

Некои од посетителите на Градскиот парк реагираат дека истиот тој е преполн со крлежи и дека освен нивните миленици, крлеж забележале и кај своите мали деца.
– Каде треба да се пријави ова? Кучето ми беше преполно со крлежи, едвај го исчистив, но уште пострашно е тоа што и моето дете на нозете имаше два убода од крлежи, поради кои моравме да одиме на лекар. Дали постои начин парковите да се исчистат од нив, за да можеме ние посетителите на раат да прошетаме? – револтирано прашува Наталија Бошковска.

Таа вели дека зголемената појава на крлежи ја забележала изминатите два викенди кога го посетила паркот со својата сестра за да се прошетаат и рекреираат.
– Нема да одам повеќе во паркот, поради тоа што навистина е стресно. Имам мало двегодишно дете на кое не можам да му кажам каде да се движи, кое сака да трча низ трева. Секако дека е соодветно облечено, во долги тренерки, но сепак, крлежите си го наоѓаат патот и успеваат да го каснат – вели таа.

КУЧИЊАТА НАЈГОЛЕМИ ЖРТВИ

И сопствениците на миленици велат дека сега со посебна претпазливост ги одбираат местата за прошетка на своите кучиња. Велат дека секоја пролет ситуацијата е иста и поради тоа, најчесто милениците ги шетаат по тротоарите, каде што нема трева и паркови.
– Сезоната е почната. Тоа е природно и ништо не може да се направи. Јас лично користам многу препарати за да го заштитам своето куче, но, ете, некогаш и тоа не е доволно. Живеам во Аеродром, тука имаме многу зелени површини каде што го пуштам кучето слободно да се движи, но, сепак, станува збор за животно, кое не може секогаш да го контролираш каде ќе оди. И покрај ампулите за заштита, шампоните и ланчињата против крлежи, сепак пред неколку дена имавме ситуација кога кучето сепак закачи крлеж. За среќа, искусна сум во отстранувањето, па лесно и успешно се спасивме – вели Лидија Милошевска.

Сопствениците на домашни миленици велат дека ги избегнуваат парковите најмногу затоа што оние кучиња со долго влакно се доста тешки за проверка, поради густината на крзното.
– Секогаш може да се направи пропуст и едноставно да не се забележи крлежот. А крлежите се доста напорни и им предизвикуваат нервоза на кучињата. Затоа јас моето куче во овој период избегнувам да го носам по паркови, затоа што навистина ми е тешко да го проверувам, бидејќи има доста густо крзно, а грешка секогаш може да се направи – вели Никола Стојковски.

КРЛЕЖИТЕ ДА НЕ СЕ ОТСТРАНУВААТ СО МАСЛО И АЦЕТОН

Според Николина Соколовска, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје, крлежите се паразити на луѓето и животните, кои можат да пренесат патогени што причинуваат различни заболувања.
– Она што како превентива треба да го направат граѓаните е кога одат во природа или на места каде што се очекува присуство на крлежи да носат облека што го покрива телото, долги ракави и ногавици, облеката да биде со светла боја, капа на главата и, секако, да се употребуваат средства против инсекти (репеленти) по телото и облеката.

При враќање од прошетка, добро да се протресе облеката и да се испере, да се направи детален преглед на телото и особено да се обрне внимание на косматиот дел од главата, зад ушите, под пазувите, препоните, папокот, зад колената – вели таа.

Она што граѓаните како мерка треба да го преземат доколку се закачил крлеж е негово итно отстранување. Соколовска вели дека вадењето треба да биде со дезинфицирана пинцета или конец поставена најдолу до усниот апарат, а не со масло, ацетон, крем, солен раствор.
– Местото на убодот да се дезинфицира. Треба да се внимава да не остане дел од усниот апарат во телото, во тој случај мора да се посети лекар, хируршки да се отстрани. Се препорачува извадениот крлеж да се однесе на анализа (дали е заразен или не и за кој вид се работи), бидејќи не е секој крлеж инфициран, но исто така и инфициран крлеж автоматски не му пренесува инфекција на човекот – потенцира таа.

Соколовска нагласува дека луѓето што чуваат миленичиња мора и нив редовно да ги контролираат и заштитуваат со соодветни препарати за дезинсекција по препорака од доктор по ветеринарна медицина.
– Крлежите интензивно се појавуваат по дожд и на места каде што има висока и неодржувана трева. Затоа како превентивна мерка е потребно редовно косење на тревата во приватните и јавните паркови. Сега е период кога интензивно се појавуваат низ парковите и затоа е потребно да се изврши дезинсекција. Тоа е надлежност на единиците на локална самоуправа – нагласува Соколовска.

Крлежите пренесуваат разни болести, па затоа, доколку граѓаните забележат црвенило, исип, температура веднаш треба да посетат лекар.
– Крлежите се преносители на патогени што предизвикуваат енцефалитис, лајмска болест, рикециоза, бабезиоза, ерлихиоза, хумана гранулоцитна анаплазмоза и други – заклучува таа.

ГРАДОТ НЕ Е НАДЛЕЖЕН

Градските власти велат дека надлежноста околу парковите спаѓа кај општините.
– Град Скопје има надлежност за спроведување дезинсекција против комарци и тоа го прави редовно, во согласност со Програма за спроведување дезинсекција на подрачјето на Скопје, која ја носи Советот на Град Скопје. Со оваа програма, која се изработува во согласност со законските надлежности на Град Скопје, прецизно се утврдени опфатот и начинот на спроведувањето на дезинсекцијата, како и средствата предвидени за реализација на истата таа.

Општините во Скопје се надлежни за спроведување дератизација против инсекти и глодачи на територијата на нивната општина, а во приватни објекти доколку има појава на лебарки и сл. за истата таа се надлежни сопствениците и здруженијата на сопственици.

Во нашата програма не е предвидено третирање против вакви инсекти бидејќи се нема појавено потреба за тоа. Град Скопје не може да чува резерва за прскање за сите видови инсекти што потенцијално може да се појават во шумските предели, во и околу Скопскиот Регион – велат од Градот.