За жал, за голема жал, Скопје сѐ уште крие ликови што уживаат во малтретирањето на животните. Во неколку наврати од скопската зоолошка градина беа објавени видеа од лица што свесно се снимаат додека се изживуваат врз жителите на градината. Правејќи го тоа без никаков срам и чувство за емпатија, тие само ја покажуваат на социјалните мрежи својата црна садистичка страна, без воопшто да се покаат за стореното дело. А со прошверцуваната и скапана храна посетителите не ги хранат животните, туку им го загрозуваат животот
ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЗООЛОШКАТА ГРАДИНА ВО СКОПЈЕ НА ГОЛЕМИ МАКИ
Зоолошката градина е една од институциите во земјава што во изминатите петнаесетина години се смени на подобро. Ако во минатото имавме запуштена зоолошка, со изгладнети животни и речиси никаков фонд на егзотични животни, сега со гордост можеме да кажеме дека Скопје е еден од малкуте градови што имаат современа зоолошка градина, каде што животните конечно ја добиваат љубовта што ја заслужуваат. И покрај нивниот живот во заробеништво, лесно може да се препознаат нивната среќа и задоволство, бидејќи добиваат соодветна нега и, што е најважно, живеат во услови што им доликуваат.
Сепак, ние не би биле ние, доколку немаме изолирани случаи од страна на поединци, кои на своите тикток-профили објавуваат разни видеа, во кои јасно го покажуваат својот супериорен однос кон животните. Иако се изолирани и ретки случаи, за жал, сѐ уште имаме поединци што уживаат во малтретирањето на животните сместени во скопската зоолошка градина.
САДИСТИ СЕ ИЗЖИВУВААТ ВРЗ ЖИВОТНИТЕ
Радоста кај најмладите не може да се опише со зборови кога ја посетуваат зоолошката градина. Среќни и речиси маѓепсани од животните во неа, децата, па и возрасните со воодушевување ги разгледуваат животните, кои првпат ги гледаат во својот живот.
За граѓаните, скопската зоолошка е едно од најуникатните места во метрополата, каде што децата можат да учат, да се истрчаат и да играат, додека шетаат со нивните родители.
За жал, за голема жал, Скопје сѐ уште крие ликови што уживаат во малтретирањето на животните. Во неколку наврати од скопската зоолошка градина беа објавени видеа од лица што свесно се снимаат додека се изживуваат врз жителите на градината. Правејќи го тоа без никаков срам и чувство за емпатија, тие само ја покажуваат на социјалните мрежи својата црна садистичка страна, без воопшто да се покаат за стореното дело.
Има случаи каде што поединци се прекачуваат преку оградите, ризикувајќи го сопствениот живот, и покрај поставените илјадници предупредувања да не се прави тоа, оти е строго забрането.
Сепак, поединци упорно ги игнорираат сите тие натписи, ставајќи се себеси во ризик, но и вработените во зоолошката, бидејќи доколку нешто им се случи, прстот првично ќе биде вперен кон нив, иако сите нивни обиди се насочени кон едукација на сите посетители.
За среќа, бројот на ваквите инциденти е мал и може да се избројат на прсти, што е одлично, бидејќи тоа е и целта на сите. Безбедни посетители и среќни животни, за успешно функционирање на зоолошката градина.
ДЕЦАТА ПОРАЗБРАНИ ОД РОДИТЕЛИТЕ
Дека бркањето лајкови на социјалните мрежи е можеби главната причина поради која некое лице се снима додека ги малтретира животните, потврдуваат и од скопската зоолошка градина.
Оттаму велат дека постојано прават едукативни кампањи за кревање на свеста кај посетителите и тоа дало плод последните години.
– Сепак сѐ уште постојат случаи кога се случува вознемирување на животните, најчесто со цел тие видеа да се споделат на социјалните медиуми, што за мене е еден многу неубав феномен. Се случува посетители да фрлаат несоодветна храна, да фрлаат камења и ѓубре во живеалиштата и тоа е она од што сме вџашени. За среќа, поголеми инциденти сега нема, но сите се сеќаваме на не толку далечното минато кога имало животни, кои, за жал, загинале поради човечки фактор – вели Тина Мицковска, задолжена за односи со јавноста во зоолошката градина.
Таа нагласува дека несовесните посетители се агресивни откако ќе бидат опоменати дека прават нешто што е спротивно од кодексот на однесување.
– Имаме обезбедување, зоонегувателите се на терен, понекогаш правиме и заеднички едукативни кампањи со Министерството за внатрешни работи и Инспекторатот на Град Скопје. За разлика од порано, сега многу повеќе посетители знаат дека хранењето, допирањето и вознемирувањето на животните, како и прескокнување на оградите се забранети со кодексот.
– Ова е всушност најчестиот проблем. Во ранци и чанти „шверцуваат“ скапана храна од дома или носат смоки и чипсови, кои се крајно несоодветни за животните. Некои дури даваат и благо, а имаме животни што се дијабетичари. Оние што секогаш впиваат со задоволство сѐ што кажуваме и нѐ слушаат се децата, додека со родителите имаме поголем проблем – вели Тина.
Мицковска вели дека со МВР имале и проект за реализација, но истиот тој бил одложен поради пандемијата. Како што вели, идејата е заедно со учениците од средните училишта и СВР-Скопје да имаме зоопатрола и едукација на посетителите.
За жал, не постои начин да им се забрани на вандалите и садистите да влегуваат во зоолошката градина, иако Мицковска вели дека откако ќе ги објават како малтретираат животни, превенираат повторување на делата.
– Оние што правеле проблеми, веќе и јавноста ги знае благодарение на споделените видеа, како и медиумската поддршка што ја добиваме. Така што објавување јавно на сите што направиле инцидент ни е од голема помош и со тоа превенираме повторно случување – вели Тина.