Со актуелниве случувања, градењето на гасоводот низ заштитената парк-шума Водно и прекумерното интензивно градење станбени згради врз парковски површини во Скопје, се поставува прашањето дали на градот му остана доволно зеленило и колку е тоа блиску или далеку од некои европски стандарди за зеленило по жител. Во моментов развиените земји се подготвени да усвојат општ стандард за зеленило од по 20 квадратни метри по жител, додека минималниот меѓународен стандард што го прифатила Светската здравствена организација е по 9 квадратни метри зеленило по жител во еден град. Експертите уште во 20 век во Германија и во Јапонија и во други земји предлагале стандарди од 40 квадратни метри урбано зеленило со висок квалитет или по 140 квадратни метри приградски шумски површини по жител.
На ова прашање од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ одговорија дека сега немаат ваква пресметка, бидејќи првиот проблем настанува од единствената причина – државава нема спроведено попис на населението. Велат дека за да се пресмета колку зеленило има град Скопје по жител, треба да се има вистински податок за тоа колку жители има, невозможно е да се користат податоците од пред 16 години. Додаваат ако се вклучи Водно во процената на градот Скопје во зелените површини, градот ќе има повеќе зеленило по жител.
Сепак, според процените на „Паркови и зеленило“, вкупното зеленило во Скопје што јавното претпријатие го одржувало во 2009 година, според програмата за работа, тогаш изнесувало 3.784.295 квадратни метри, а денес тврдат изнесува 4.511.915 квадратни метри. Додека, пак, од зеленилото на Водно, според шумско-стопанската основа, вкупната површина во 2008 година изнесувала 4.481 хектар, а денес се измерени 4.573 хектари. Но колку малку зеленило остана помеѓу станбените згради е повеќе од очигледно.
– Овие броеви се во пораст, бидејќи го бележат новоподигнатото зеленило во градот, но не и зеленилото што исчезнало поради големиот број градби, бидејќи ние како јавно претпријатие и немаме соработка со инвеститорите – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.
Додаваат дека дополнителен проблем претставува методологијата при пресметување на зелените површини. Некои градови велат дека имаат различни методологии. Некои го вклучуваат зеленилото внатре во градот, а други го вклучуваат и надвор од него.
– На пример, ако се вклучи Водно во процената на градот Скопје во зелените површини, градот ќе има повеќе зеленило по жител. Има нов закон за зеленило и се формирани работни групи што работат на подзаконските акти. Во рамките на овие акти ќе се утврди и методологијата за проценување на процентот на постојното зеленило по жител – објаснија од „Паркови и зеленило“.
Според програма за работа од градот Скопје, зелените површини се под нивна надлежност. Усвоената програма од страна на советот на градот Скопје ги дефинира зелените површини. Тие ги опфаќаат зеленилото во градските паркови и зеленилото низ булеварите и главните магистрални улици, додека пак зеленилото во блоковите помеѓу зградите е под надлежност на општините. Токму затоа, во таа насока, во изработка е катастар на зеленило, кој би претставувал датабаза од број и видови на дрвја, грмушки, цвеќе, трева и други садници. Создавањето на овој вид база за зелени површини се предвидува да се овозможи преку соработката помеѓу градот Скопје и „Паркови и зеленило“, а целта е да се има подобар и попрецизен увид во зелените површини.
Промените што се најавуваат и треба да се направат укажуваат на можност подоцна да се има подобар увид на вкупната зелена површина на градот Скопје. Но граѓаните не сакаат само нови грмушки или цвеќиња, туку големи паркови и дрвја во нив, зелени површини, каде што ќе можат да прошетаат и да се одморат.