Јануари веќе истекува, првиот месец во новата година, најдолгиот во годината, како што знаат да речат многумина. Не поради нешто друго туку поради големиот број празници, за кои се трошат најмногу пари. Поминаа Нова година, Божиќ, Василица, Богојавление, а еве сега и верскиот празник Свети Атанас. Но за да не ги заборавиме целосно сета новогодишната еуфорија и магија, сѐ уште се тука новогодишните украси и елки на дел од јавните површини во градов. Тука се и големите светлечки бројки на 2020 година, кои навечер повторно блеснуваат како да сме пред пречек. Надлежните подзаборавија на обврската дека како што ги накитија парковите и другите јавни површини, така треба и да раскитат и да си ги соберат новогодишните украси, за тие повторно да го видат светлото на денот во наредната 2021 година. Граѓаните во своите домови ја завршија таа обврска штом помина Стара нова година и одамна ги спакуваа новогодишните елки, лампиони и други украси. Ама надлежните или заборавија или уште се во новогодишна еуфорија на празнувањето, што, дозволија среде парк елката да ни стои накитена во почетокот на февруари.