Општина Центар, постапувајќи во повторна постапка, го поништи одобрението за градење на „Шпански скали“ кои требаа да се градат на плоштадот „Македонија“.
– Во донесеното решение е наведено дека инвеститорот не пријавил отпочнување на градба, согласно член 67 од Законот за градење, ниту пак отпочнал со градба во рок подолг од две години од правосилноста на одобрението, согласно член 66 став 1 од Законот за градење, според кој одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба во рок од две години од денот кога одобрението за градење станало правосилно – соопштија од Општината.
Првично, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на 9.2.2018 година донесе решение со кое се огласува за ништовно одобрението за градење на објектот, на кое инвеститорот поднесе жалба до второстепениот орган, а подоцна поведе и управен спор пред Управниот суд.