Кучињата сѐ уште еден од низата проблеми за решавање што „Нова Македонија“ во изминативе денови ги анализираше и акцентира дека надлежните итно треба да направат заложби за нивно решавање. Институциите мора да реагираат и, како што рече и министерот за здравство Венко Филипче, мора да се најде системско решение, но не само за хигиената, бидејќи со нехигиената дојдоа и кучињата, а тука е и сообраќајниот хаос

Купиштата ѓубре што беа наталожени изминатиов период на Клиничкиот центар ги привлекоа мачките, но и кучињата скитници, кои се одомаќинија во кругот на болницата и постојано лаат на минувачите. По нехигиената за која пишуваше „Нова Македонија“, сообраќајниот хаос, како проблеми на најголемата државна болница, не смее сега да се заобиколи и проблемот со кучињата скитници. Тие не само што ги плашат минувачите и пациентите да не бидат нападнати туку се потенцијални преносители и на некои заразни болести. Кучињата никако не смеат да се вртат во една болница, а надлежните секако се должни што поскоро да се справат и со овој проблем, по проблемот со хигиената. Овие бездомни животни можат да бидат преносители на лајмска болест, шуга, ехинококоза и беснило. Од јавното претпријатие „Кумнална хигиена“, одговорно за кучињата скитници, тврдат дека се активни во заловувањето кучиња во болницата.

Во изминатиов период од два месеца во рамките на Клиничкиот центар имаат заловено десет кучиња. А за мај имаат осумнаесет дојави од граѓани за кучиња скитници.
Граѓаните изминатиов период беа сведоци како во ѓубрето на Клинички „копаат“ глутници кучиња скитници. Проблемите на најголемата државна болница се наталожија откако истече договорот со приватна компанија за одржување на надворешните површини, а потоа се влоши и состојбата со хигиената на Клинички центар. Подигањето на отпадот периодов зависи од разните добротворни акции, а последната, дводневна, ја реализираа четириесетина комуналци, кои два дена чистеа и подигаа ѓубре. На пациентите и граѓаните, освен нехигиената и тоа што нема место за паркирање, сега сериозна грижа и страв им предизвикуваат и бездомните животни, од кои се плашат да поминат низ болницата, особено во вечерните часови.
– Никој не оди до Клинички затоа што му е убаво. Ај што немам место за паркирање, ај што начекувам купишта ѓубре, па на крајот да се плашам и да не бидам каснат од куче! Некако сево ова ми е премногу, ама што да правам кога морам да дојдам – вели загрижен граѓанин.

Граѓаните сметаат дека купиштата ѓубре што изминатиов период се наталожија станаа вистински рај за кучињата. А честите вести за напади од кучиња скитници што се регистрираат на градското подрачје не го заобиколија ниту Клиничкиот центар. Освен граѓаните, и вработените се жалат на големиот број бездомните кучиња што се забележуваат кај државна болница. Во април имаше случај кога од група кучиња беше нападнат пациент во комплексот на клиники „Мајка Тереза“, а вработените велат дека во втора и трета смена е страшно да се движи низ Клиничкиот центар. Но освен движењето покрај овие животни, уште пострашно може да биде и тоа што тие се преносители на некои болести.
Некои од болестите од кои боледуваат бездомните кучиња, претставуваат опасност по човечкиот живот. Ветеринарите тврдат дека кучињата скитници поради нивните животни навики и затоа што нема кој да се грижи за нив се поподложни на заболувања и ширење на заразите. Тие можат да бидат преносители на лајмска болест, шуга, ехинококоза и беснило. Доколку едно куче е заболено, како преносители можат да се јават вошките и крлежите. Кога станува збор за лајмската болест, кучињата најчесто може да ја пренесат преку крлежите. Сепак, доколку едно куче е заболено, исто така може да ја пренесе болеста преку комарците и мушичките. Ехинококозата, од друга страна, е паразит што паразитира кај кучињата и се шири преку нивниот измет. Шугата, пак, може да се пренесе ако постои директен контакт со заболеното куче. Беснилото претставува вирусно заболување, кое најчесто завршува фатално и единствена опција претставува примањето вакцина, која треба да се овозможи што побрзо по настанатото каснување. Од овие причини, не треба да ги занемаруваме кучињата скитници и потребно е надлежните итно да дејствуваат.
Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ велат активно работат и заловуваат бездомни кучиња и во кругот на болницата.

– Поради фреквентноста на граѓани во центарот во текот на денот, нашите екипи заловуваат исклучиво во доцните вечерни часови, а истото тоа се прави по дојава на граѓани на дежурниот телефон, а во конкретниов случај и со решение од Агенцијата за храна и ветерина, каде што е констатирана потреба од наша интервенција во Клиничкиот центар. Според стандардните процедури што се применуваат во стационарот „Вардариште“, доколку заловеното животно не пројавува агресивност и е во добра здравствена состојба, по завршениот медицински третман тоа се стерилизира и се обележува со ушна маркичка, по што се враќа на местото на заловувањето. Оттука, оние кучиња што се обележани со ушни маркички, се стерилизирани и прочистени од внатрешни и надворешни паразити, велат од комунална хигиена.
Ова значи дека кучињата што се присутни во болницата, обележани или не, се страв за граѓаните и ги плашат. Ова е само уште еден од низата проблеми за решавање што „Нова Македонија“ во изминативе денови ги анализираше и акцентира дека надлежните итно треба да направат заложби за нивно решавање. Институциите мора да реагираат и, како што рече и министерот за здравство Венко Филипче, мора да се најде системско решение, но не само за хигиената, бидејќи со нехигиената дојдоа и кучињата, а проблемот со паркирањето и сообраќајниот метеж одамна е присутен. Низ болницата секојдневно поминуваат илјадници луѓе и сите тие бараат итно решавање на проблемите.