Секторот за инспекциски работи на општина Центар отстрани пет трафики спроти поранешна Градска болница, информираат општинските власти и додаваат дека акцијата е дел од активностите за отстранување на нелегално изградени објекти.
– Вкупно пет трафики денес ќе бидат отстранети со градежна механизација и трошоците за нивното отстранување ќе паднат на товар на инвеститорите, односно сопствениците на објектите – се наведува во соопштението.
Во него се појаснува дека станува збор за 4 киосци и 1 трафика, лоцирани на улица 11 Октомври, на автобуската станица кај Зелен пазар, кои не поседуваат решенија за поставување времен објект.
– Откако инвеститорите, односно сопствениците на времено поставените објекти не постапиле по решенијата издадени од Секторот за инспекциски работи и сами не ги отстраниле објектите, општината денес пристапи кон присилно извршување, односно уривање и отстранување на објектите – објаснуваат од општина Центар.
Од таму додаваат дека акцијата на секторот за инспекциски работи за отстранување на нелегално поставените и изградени објекти ќе продолжи и во наредниот период, а ќе бидат опфатени вкупно 18 објекти што не поседуваат соодветна документација.