Општината Ѓорче Петров го почна проектот насловен „Социјална патролна служба“. Идејата е најнапред да се утврдат, а потоа и да им се помага на социјално загрозените групи граѓани што се наоѓаат на нејзина територија.
Преку овој проект практично ќе се изработи еден вид социјална карта на Ѓорче Петров. Надлежните, кои веќе беа излезени на терен, евидентирале 288 социјално загрозени случаи. Во оваа евиденција се влезени семејства или поединци во социјален ризик, самохрани родители, бездомници лица, лица со ментална или физичка попреченост, невработени, жртви на семејно насилство итн.
На основа на сево ова, надлежните изработија база со податоци, која дава информации за социјалната состојба на територија на општината. Овие податоци понатаму ќе послужат и ќе се користат кога ќе се аплицира за проекти од областа на социјалата, а во иднина ќе влијае за подобрување и за надминување на социјалните проблеми. Од општината Ѓорче Петров информираа дека на дел од овие социјалци ќе им доделат еднократна парична помош, а за дел од нив ќе обезбедат и најразлични донации.
– Идејата е да им се помогне на подолг рок. Токму затоа, и врз основа на податоците од терен, изработивме база што ќе ја користиме за аплицирање за проекти наменети за нивна помош – велат од општината.
Оттаму појаснуваат дека меѓу другите активности, годинава, општинската социјална патролна служба за време на матурските прослави обезбедила фустани за педесетина деветтоодделенки од шесте основни училишта во општината. Исто така, со нивна асистенција, за претстојниот зимски период се обезбедени огревно дрво, пакети со храна и облека. Н 20 стари и изнемоштени лица им се обезбедени лични асистенти.
Од општината додаваат дека и следната година ќе продолжи овој проект, но со тенденција за вклучување лица и од Црвениот крст, невладини и владини организации.