Општината Кисела Вода веднаш по првите снежни врнежи на улиците и тротоарите на повисоките населени места, за да им овозможи непречено движење на граѓаните, фрли околу два тони сол. Од локалната самоуправа им поделија 300 вреќи сол на сите основни училишта, градинки, месни и урбани заедници за претстојните снежни денови. За успешно справување со снежните врнежи, општината Кисела Вода ја ангажира фирмата „Анизор“, која на терен ќе интервенира со 4 специјални возила, од кои две се за широки и две за тесни улици.
– За да овозможи непречено движење и одвивање на сообраќајот во зимски услови, локалната самоуправа, по претходно спроведена јавна набавка, изврши надградување на сопствените два трактора што служат за косење тревни површини со плугови и дувалки за снег. Со нив ќе се чисти снегот на сите тесни улици, патеки и тротоари – информираат од општината Кисела Вода.
Надлежните оттаму на учесниците во сообраќајот им препорачуваат да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Во исто време општината апелира до сите граѓани и правни субјекти кога ќе падне снег да ги почитуваат законските обврски и да извршат расчистување на снегот и мразот пред пристапите кон своите деловни и станбени објекти.