Во текот на целиот изминат период од прогласувањето на светската пандемија на ковид-19, претпријатието секојдневно спроведува низа вонредни активности, за да ги одржи на највисоко можно ниво хигиената и чистотата на јавните и на сообраќајните површини во градот
„Комунална хигиена“: Биди одговорен за себе и за животната средина и во услови на пандемија
Откако Владата во април донесе уредба со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето на коронавирусот и за заштита на населението, речиси и да нема парк, тротоар или улица низ метрополата каде што не може да се видат фрлени заштитни маски и ракавици. Граѓаните несовесно се однесуваат со заштитната опрема откако ќе ја искористат, притоа воопшто не размислувајќи дека со тоа директно ги загрозуваат животот и здравјето на другите луѓе, а најмногу на децата.
Откако ќе се искористат маските за еднократна употреба, тие треба да се фрлат во канта за отпадоци, за да се заштитат другите од зараза доколку лицето што ја носело заштитната маска било носител на коронавирусот. Маските се направени од лесен материјал, па при малку посилен ветер тие летаат низ воздухот, се закачуваат на околните дрвја, влегуваат во дворовите… Слично е и со латекс-ракавиците, кои откако граѓаните ќе ги искористат ги фрлаат каде што сакаат.
– Секаде каде што има парк, продавница или маркет, ќе забележите и расфрлани заштитни маски и ракавици за еднократна употреба. Градот врие од вакви отпадоци. Граѓаните не размислуваат дека тоа е еден вид медицински отпад, бидејќи, доколку се носители на вирусот, лесно можат да заразат и други лица од околината. Најмладите се во најголем ризик, бидејќи тие со рачињата буквално допираат насекаде. Љубопитни се, ја истражуваат околината, па сакаат сѐ да допрат. Само во моето маало, во неколку наврати имам забележано дечиња како ги фаќаат маските, а мајките буквално хистерично трчаат со средствата за дезинфекција за да им ги исчистат рацете од можната контаминација – вели Лилјана Здравковска, која живее во зграда во чија близина има поголем маркет и парк.
Со несовесното фрлање на заштитната опрема, во опасност се и вработените во јавните комунални претпријатија, кои, сакале или не, мораат да дојдат во близок контакт со опремата за да ја соберат и соодветно да ја фрлат во кантите за отпадоци.
Од тие причини, јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ неодамна потпиша меморандум за соработка со центарот за еколошка демократија „Флоразон“, за заедничко спроведување на проектот „Биди одговорен за себе и за нашата животна средина и во услови на пандемија“, поддржан од Генералниот секретаријат на Владата на Македонија.
– Целта на проектот е преку соодветно фрлање на отпадот од заштитната опрема – маски и ракавици, да се придонесе во борбата против ширењето на ковид-19, како и за ублажување на последиците од пандемијата врз граѓаните. Во рамките на проектот, на триесетина локации пред поголемите маркети во Скопје ќе бидат поставени специјални садови за фрлање отпад од заштитна опрема, кој ќе биде транспортиран од страна на екипите на „Комунална хигиена“ – информираат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека во текот на целиот изминат период од прогласувањето на светската пандемија на ковид-19, комуналното претпријатие секојдневно спроведува низа вонредни активности, за да ги одржи на највисоко можно ниво хигиената и чистотата на јавните и на сообраќајните површини во градот.
– Со потпишувањето на меморандумот за соработка со центарот за еколошка демократија „Флоразон“, преку транспортот на отпадот од заштитни маски и ракавици што граѓаните ќе го фрлаат во овие специјално поставени садови, претпријатието ќе продолжи да придонесува во борбата против ширењето на ковид-19 и заштитата на здравјето на граѓаните – велат оттаму.
Од комуналното претпријатие апелираат до жителите на метрополата употребената заштитна опрема да не ја исфрлаат на јавни површини, односно уредно спакувана да ја оставаат исклучиво во посебните садови или директно во контејнерите и на тој начин да го заштитат здравјето на вработените во претпријатието, кои секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран и опасен отпад.