Од високите рабници на тротоарите, лицата со колички не можат да пристапат на пешачките зони. Од паркирани автомобили уште потешко можат да стигнат до некоја институција или до зградата на својот пријател или роднина. Оваа категорија на луѓе со години се обидува да влијае на законските решенија и го крева гласот заедницата да разбере дека и тие постојат и имаат одредени потреби

Ако во нордиските земји повеќе не се дискутира за пристапност на лицата со телесен инвалидитет, кај нас, за жал, ова сѐ уште е горлив проблем за овие граѓани. Од високите рабници на тротоарите тие не можат да пристапат ниту на пешачките зони, па уште потешко можат да стигнат до некоја институција или до зградата на својот пријател или роднина за да му отидат на гости. Во нордиските земји проблемот го решиле многу едноставно, со директни прашања за тоа што им е потребно на овие граѓани со посебни потреби, дали држачи, лифтови или можеби нешто друго. И наместо да се применат овие практични примери, кај нас оваа категорија на луѓе со години се обидува да влијае на законските решенија и го крева гласот заедницата да разбере дека и тие постојат и имаат одредени потреби. За жал, како што кажуваат телесно инвалидизираните лица, за нив се непристапни голем дел од институциите или ако се пристапни тогаш тие се оневозможени да влезат од паркираните возила. Тие велат дека им е оневозможен пристап дури и во некои образовни институции, а тоа е жално.

Од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија истакнуваат дека пристапни рампи на приземје има само во неколку високообразовни институции, а студентите не можат да стигнат до предавалните, кабинетите и до тоалетите, кои се на погорниот кат. И не само во институциите, тврдат дека за нив е невозможен влезот во многу угостителски или спортски објекти, објекти во кои се случуваат културно-забавни манифестации и многу други, кои на влезовите имаат само скали. Тие велат дека во 21 век сѐ уште се борат за право за поголема пристапност, зашто општеството нема слух.

За нив е проблем и паркирањето, бидејќи обележаните места за паркирање за инвалиди се редовно зафатени со автомобили на други лица. И не само тоа, паркиралиштата се нестандардни, бидејќи инвалидизираните лица честопати не можат да излезат со своите колички, бидејќи им се остава многу малку простор, а тие би требало да се завртат за 90 степени. Токму поради ова велат дека им е потребно дополнително растојание од 1,5 метар, кое најчесто го немаат, па остануваат заробени, не можејќи да ги отворат вратите од своите возила. За нив е евидентно и тоа дека не се почитува Законот за градба. Велат дека тука многу би можела да помогне локалната самоуправа преку своите инспекциски надзори, кои би можеле да не даваат употребна дозвола, доколку објектот е изграден надвор од предвидените законски норми.

– Проблем во некои објекти се и рампите, бидејќи се лошо изградени, личат на скијачки скокалници по кои некој со инвалидска количка не би можел да се искачи без нечија помош. Тие мора да се стандардно со косина во размер од 1:12 и 1:20. Проблемот со пристапноста не е само наш, кога наместо сами да влеземе во пошта, бараме некој да ни уплати уплатница затоа што има скали пред објектот. Проблемот е и на некој што скршил нога, па не може да влезе во нископодниот автобус, затоа што нема коса рампа, на мајките со колички со мали деца, на стари лица што користат бастун, на одредена категорија на луѓе на кои треба да им се олесни пристапот.

Депласирано е навистина во 21 век да зборуваме за пристапност, за високи рабници, за многу скалила пред институциите или пред објекти каде што се изведуваат културно-забавни спортски активности. Тоа веќе требаше да стане универзален дизајн, требаше веќе да почне да се гради еднаква околина за сите, односно сите лица да имаат можност да ги користат бенефициите и благодатите на општеството. Во членот 9 од Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, потпишана од 156 земји, токму пристапноста е нагласена. Но во практика ова не се применува, сите објекти да имаат пристапни рампи за инвалиди, а лифтовите да бидат приспособени за пристап на телесни инвалиди, како и да има дактилни патеки за слепите лица – објасни Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет – Мобилност Македонија.

Тој напомена дека е во фаза носење нов закон за градба.
– Ние пред неколку години успеавме во членот 10 во тој закон да вметнеме една одредба каде што се вели дека при градење станови во згради, објекти, кои имаат најмалку 10 стана барем еден ќе биде проширен за да може да биде адаптиран за пристап на лица со инвалидност, односно дека ќе има три проценти паркинг-простор одбележан пред тие згради, дека сите рабници ќе бидат спуштени и приспособени за движење на овие лица. Во новиот текст на законот тоа не го гледаме и затоа како Национален сојуз интервенираме и сметаме дека во оваа фаза на нацрт-текстот на законот ќе успееме да ги додефинираме работите – објасни Јовановски.

Тој смета дека не само институциите, туку и обичните граѓани треба да ја почитуваат различноста и секој граѓанин, треба да бидат солидарни кон лицата со телесен инвалидитет. Вели дека сите мора да се чувствуваме слободни и независни и да имаме еднакви можности.


Општините се должни да овозможат пристапност

Неодамна коса рампа беше изградена пред Домот на културата во Ѓорче Петров, а со тоа лицата со хендикеп добија пристап во објектот во кој дотогаш не можеа да влезат. Ова е можеби и една од ретките информации што во јавноста не може баш често да се прочита. Но и една од активностите за кои општините мора да водат сметка.
Според некои пресметки, за да се изгради наједноставната коса рампа под агол што ќе овозможи непречено искачување на тркалата на инвалидска количка, се потребни 100 до 200 евра. Оваа сума пари општините без пречка би можеле да ја издвојуваат од своите буџети за да овозможат пристапност и за оваа група граѓани.