МВР и шлеп-службите контрадикторни за законските одредби за дефект на пат
Граѓаните по долги години сѐ уште се во недоумица дали смеат да ги влечат своите автомобили со помош на друг автомобил кога ќе им се случи дефект. Едни мислат дека не е дозволено да се влечат возилата едни со други, додека, пак, други токму спротивното. Токму затоа се поставува прашањето кога ќе ни се расипе автомобилот кому треба да му се јавиме – на пријател за да ни помогне да го довеземе автомобилот или, пак, на служба за влечење.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и изјавата од Министерството за внатрешни работи, граѓаните можат да ги влечат своите возила доколку се во дефект, но до првото место каде што може да се отстрани дефектот на возилото. Но од влечните служби тврдат дека не е дозволено, бидејќи тоа е нивна обврска.
– Ова е јасно пропишано во членот 78 од Законот на безбедност на сообраќајот и патиштата. Граѓаните не треба да имаат дилема. Законот е јасен и вели: моторно возило може да влече друго возило поради неисправност односно недостиг од одредени делови само ако не може самостојно да се движи. Понатаму стои и дека моторно возило не може да влече мотоцикл со или без странична приколка или друго возило на две тркала. Казната за непочитувањето на законот е 35 евра, или 15 негативни поени – велат од МВР
Деновиве бевме сведоци на ситуација во која сограѓани си објаснуваа кој кого може да влече кога ќе му се случи дефект на автомобилот на улица.
– Е, како е забрането да се влечеш? Законски мора да имаш сајла за шлепување, а, од друга страна, забрането е да се шлепува?! Тоа нема смисла и затоа не верувам дека не смее да се влече неисправен автомобил. Колку што знам, со закон е забрането да се шлепува автомобил. Ако ти се расипе автомобилот, треба да си викнеш шлеп-служба. Не е секаде забрането. Забрането е на одредени места, читнете го малку Законот за безбедност во сообраќај – се препираа тројцата мажи.
Одредбите во законот се децидни и укажуваат на можноста на оној што се нашол во безизлез на патот да најде решение до првиот сервис за автомобили.
– Мислам дека со закон не е дозволено влечење возила. Ако нема официјална шлеп-служба, не е дозволено влечење на неисправното возило. Сепак мислам дека 50 или 60 проценти од граѓаните не знаат дека не е дозволено влечење друго возило. Во оваа информација сум сигурен затоа што постојано гледам луѓе што се шлепуваат едни со други. Според тоа, сметам дека е потребно одговорните почесто да ја објавуваат информацијата и да информираат сѐ додека не им стане јасно на граѓаните дека со закон е забрането влечење на возилата – вели Драган Јовевски.
Евидентно е дека граѓаните имаат различни мислења и искуства. Некои кажуваат и за случки кога полицијата им помогнала да го довлечат автомобилот.
– Пред неколку години имав искуство и знам дека може да те влечат ако се работи за кратко растојание. Имам лично искуство со татко ми. Од Штип требаше да одиме за Албанија по работа. Но автомобилот кај Плетвар во три часот сабајле му пукна дихтунгот, целата вода истече, а автомобилот едноставно не се помрднуваше. Единствено возило што помина беше полициско возило и лично тие нѐ влечеа до Прилеп. Кога кажаа дека треба да се работи два дена на автомобилот, со шлеп-служба го качија и го донесоа до Штип на поправка – вели Ристо Маневски.
Од влечните служби, пак, велат дека не е дозволено влечење возило освен ако не го прави тоа влечна служба. Од „Експрес сервисот“ објаснија дека може да се влече само до првиот исклучок од патот, на првиот паркинг на кој ќе се наиде. Затоа и сајлата со закон е пропишана како задолжителна опрема. Од „Бадник“ објаснуваат дека со закон е забрането да се влече со сајла. Мора да се повика шлеп-служба, инаку казната е 150 евра.
Ова зборува дека граѓаните со право се во дилема дали може или не може некој да ги влече со својот автомобил доколку останат во дефект, бидејќи кога се нашле на мака сите имале различни искуства и добиле различни одговори, како и ние.
Од СВР-Скопје се децидни дека одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се јасни.