Комуналните редари на општината Ѓорче Петров почнаа со двосменско работење и летово ќе казнуваат исфрлање ѓубре на јавни површини. Од општината заклучуваат дека има доста граѓани што прават диви депонии и постапуваат спротивно од Законот за јавна чистота, причина што бара засилена контрола и санкции за оние што не го почитуваат законот и ја загадуваат животната околина. Во одвоени акции на општинските комунални редари и редарите на градот Скопје во само два дена тие изрекоа 10 мандатно-имунитетни казни.
– Ќе се санкционира секое прекршување на Законот за јавна чистота, кој предвидува забрана за фрлање и оставање градежен шут на јавните површини, фрлање и оставање различни видови отпадоци, оставање стари предмети од домаќинство, како и палење, закопување и уништување отпад. Исто така на казна ќе подлежи и продавањето земјоделски производи на јавни површини, како и многу други одредби што граѓаните ги прекршуваат – информираат од општината Ѓорче Петров.
Надлежните оттаму уште еднаш апелираат на совесност, за да не бидат принудени да изрекуваат казни.