Фото: Архива

Тргнувајќи од јавниот интерес и значењето што оваа здравствена установа го има за граѓаните, од повеќе агли ги истражуваме проблемите на Клиничкиот центар, поврзани со одржувањето на хигиената, расфрланиот отпад, секојдневниот сообраќаен хаос, како и наездата на кучиња скитници, на што реагираат граѓаните

Изминативе денови Клиничкиот центар повторно се давеше во ѓубре. Преполнетите канти со отпад и дивите депонии низ целата клиника станаа сврталишта на мачки и кучиња скитници, кои се одомаќинија. Бездомните животни си зазедоа територија, а кучињата постојано се потенцијална опасност некој да биде нападнат, особено во вечерните часови. Но, во стариот Клинички центар не се болка само комуналните проблеми, туку и многу други од урбанистички аспект, па можеби и оттаму идејата да се изгради нов клинички центар на нова локација.

Во најголемата болница во државава тешко е да се влезе или да се излезе со автомобил, со тешкотии влегуваат и амбулантните возила. Не може ни за лек да се најде паркинг, а со вакви маки секојдневно се судираат илјадници луѓе што доаѓаат од целава земја. „Нова Македонија“ ги истражуваше сите овие проблеми и за нив ќе пишува во продолженија.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хигиената изминатиов период се чини дека беше најголемата болка на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и, што е најтрагично, лекот уште не е пронајден. За жал, се случи и огромен срам за одговорните, бидејќи болката се обидоа да ни ја олеснат средношколци од гимназија во Ротердам, кои дошле во градов и згрозени од купиштата ѓубре решија да реализираат акција за чистење и ни одржаа лекција на сите. Го исчистија расфрланото ѓубре во паркчето пред Детската клиника и со тоа ни кажаа многу. А сликата на една болница каде што се лекуваат луѓе навистина е ужасна, бидејќи секојдневно огромен број посетители и пациенти од целава земја минуваат покрај преполнетите кошници со ѓубре и многуте мали диви депонии. Дел граѓани своето незадоволство од сликата во најголемата болница го искажуваа на социјалните мрежи, а некои објавуваа и фотографии, сакајќи да го доловат ужасот со отпадот што настана во болницата.

Ацо Павлов, комерцијалист: Воопшто не е убава глетка, расфрлано ѓубре на сите страни

– Воопшто не е убава глетката да има отпадоци расфрлани каде било, особено кога станува збор за државна установа. Се разбира, одговорните од Клиничкиот центар треба да бидат поажурни и да го решат проблемот. И ние како граѓани немаме свест за комуналниот отпад. Не можат тие да исчистат колку што ние може да извалкаме.
Но, дефинитивно во една болница треба да постават повеќе канти за отпадоци и повеќе пати да чистат – вели комерцијалистот Ацо Павлов.
И навистина во болницата имаше ѓубре на секој чекор, па дури и пред болничките паркови во кои одмораат пациентите или излегува на пауза дел од медицинскиот персонал.

Д-р Богданка: Вакви случки не треба да има во еден град, особено не во болница

– Не е во ред една болница да се соочува со ваков проблем. Сметам дека во еден развиен град не треба да има вакви случки. Морам да напоменам дека ние сме тука секој ден и се грижиме за хигиената и внимаваме што правиме. Тука не станува збор само за нашиот дом или за Клиничкиот центар, туку за нашата држава, која е место во кое сите живееме. Никој од нас не сака да тоне во ѓубре, но станува збор за една колективна, ниска еколошка свест. Веруваме дека многу брзо ќе се среди и ќе се реши проблемот – вели доктор Богданка.

Од Министерството за здравство за проблемот со ѓубрето на Клиничкиот центар велат бараат системско решение за континуирано одржување на хигиената во рамките на клиничкиот комплекс.
– Земајќи ја предвид и постапката што ја налага Законот за јавни набавки, Министерството за здравство во соработка со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, јавните претпријатија на градот Скопје и општините воспостави зголемена динамика на одржување на хигиената во комплексот клиники и таа ќе се одвива во континуитет до наоѓање системско решение во согласност со законските процедури за јавни набавки. МЗ во континуитет е во комуникација со Службата за општи и заеднички работи при комплексот клиники и заеднички работиме на намирување на долговите, кои се наталожени со години. Освен долгови кон јавни претпријатија, како што беше случајот со долгот кон „Водовод“, има долгови и кон надворешни доставувачи. Заедно со Министерството за финансии се обидуваме да се структурира исплаќањето на долговите, оти таа служба обезбедува и лекови кон одредени клиники и нема да дозволиме да има проблеми во функционирањето – ни одговорија од Министерството за здравство.


Филипче: Во преговори сме „Комунална“ да го преземе чистењето

– Причина за проблемот со ѓубрето во дворот на Клиничкиот центар во Скопје е тоа што изминатите години ингеренциите беа префрлани од едно на друго место, од Службата за заеднички работи на Министерството за здравство.
Во преговори сме да најдеме начин со кој ингеренциите за чистењето на дворот на Клиничкиот центар во Скопје ќе ги преземе ЈП „Комунална хигиена“ – рече министерот за здравство Венко Филипче, кој објасни дека не сакаат да распишуваат тендери и чистењето да го прават приватни компании кога, како што кажа, парите може да одат во јавните претпријатија. Одговарајќи на новинарско прашање, министерот додаде дека наоѓаат правна рамка и за тоа правниците веќе се во преговори и беше сигурен дека за скоро време тоа ќе се реши и континуирано ќе има служби за чистење од ЈП „Комунална хигиена“.