Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од погребните претпријатија тврдат дека, пред сѐ заради своето, а потоа и заради здравјето на другите, строго се придржуваат кон протоколите за подигање починат од ковид-19 од дома или од болница, за негово транспортирање и погребување. Иако има исти правила во целата држава, во одделни градови различно се постапува, па, така, некаде ковчегот на починатиот од ковид-19 се изложува во капела, а некаде ниту во капела ниту во црква. Исто така има разлика во чиновите на изведување на погребното опело, како и во бројот на присутни луѓе на тој чин, иако е дозволено да има само петмина блиски. Процедурите за подигање на телата на починатите од ковид-19 секаде се почитуваат и, како што велат некои управители на погребни претпријатија, строго се внимава, пред сѐ, да се заштитат од зараза самите, а потоа и другите

Апел за стриктно придржување кон посебните протоколи за закоп на починатите од ковид-19

Оваа и минатата година беа обележани во духот на пандемијата. Две тешки години за граѓаните и за целиот свет бидејќи починаа милиони лица во целиот свет. Само кај нас починаа повеќе од три илјади лица.
За нивно погребување беше донесен посебен протокол, таканаречен протокол за обезбедување, транспорт и погребување починато лице од коронавирусот, почнувајќи од обезбедување и заштита на персоналот што постапува со телото, негова подготовка и завиткување на трупот по строги процедури и транспорт на трупот до локацијата за погреб.
Секако, предвидена е целосна дезинфекција на просторот каде што престојувало починатото лице. Во рамките на овие процедури се пропишани и начинот и постапката за лица починати во домашни услови и за лица починати во болниците. Овие протоколи мораат да ги почитуваат медицинскиот персонал, семејствата на починатите, како и операторите на погребните претпријатија. Некои управители и сопственици на погребни претпријатија велат дека иако има исти правила во целата држава, во одделни градови различно се постапува, па, така, некаде ковчегот на починатиот од ковид-19 се изложува во капела, а некаде ниту во капела ниту во црква. Исто така има разлика во чиновите на изведување на погребното опело, како и во бројот на присутни луѓе на тој чин, иако е дозволено да има само петмина блиски.
Процедурите за подигање на телото на починатите од ковид-19 секаде се почитуваат и, како што велат некои управители на погребни претпријатија, строго се внимава, пред сѐ, да се заштитат од зараза самите, а потоа и другите. Некаде опелото се врши по закопувањето на починатиот.

И натаму останува правилото храна на гробиштата да не се раздава, како што тоа вообичаено се прави според христијанските обичаи. Посебни парцели во кои се погребуваат починатите од ковид-19 нема на гробиштата во градовите, но во некои има посебни гробишта за погребување починати социјални случаи за кои семејството немало пари да го изврши погребот или, пак починатиот немал никој свој близок.
– Строго се придржуваме кон протоколот за превенција од инфекција и контрола за безбедно управување со мртво тело во контекст на ковид-19, каде што детално е сѐ објаснето. Преземањето на починатото лице се одвива по строго пропишан ред без разлика дали станува збор за преземање на лицето од болничка установа или во домашни услови. Нашите вработени се целосно опремени со заштита опрема (скафандер, маски, визир, ракавици и сѐ дополнително), возилото што се користело за превоз веднаш потоа се дезинфицира соодветно. Фрижидери во капела се користат, додека изложување во капела и пеење на одар не е дозволено. Според протоколот, погребот мора да се изврши веднаш, најдоцна во рок од 24 часа, и повторно нашите работници што го извршуваат тоа се опремени со лична заштитна опрема.

Во однос на бројот на присутните за време на погребот, кој е исто така пропишан во протоколот, тој е ограничен на најтесното семејство (доколку и тие не се заразени) максимум од пет лица. Ние како оператор дополнително апелираме да се почитува тоа – велат од погребниот сервис „Бутел“ АД Скопје.
Оттаму дополнуваат дека погребувањето се врши во постојно или во ново доделено гробно место, кое е право на избор на наследниците на покојниот, и е во согласност со верската припадност на умрено лице. Починатите од ковид-19 се погребуваат без практикување на верските обичаи, не се изложуваат на одар, ковчегот не се отвора и погребот се врши во најтесниот круг на семејството.


Како се погребуваат починатите од ковид-19 во други земји

Респираторната болест ковид-19 уби многу луѓе од целиот свет. Во најтешко погодените нации, епидемијата ги принуди властите да донесат тешки одлуки и да ги променат правилата во врска со погребувањето на мртвите. Мртовечниците беа преполни, па во некои региони дури и немаше празни гробни места. Традиционалните погреби се елиминирани, поради страв од ширење на болеста, принудувајќи ги ожалостените да тагуваат од далеку. Се применуваат нови политики во однос на погребувањето на починатите од ковид-19. Така, на пример, во Њујорк доколку роднините не ги земеа телата на починатите да ги погребат во рок од 14 дена по смртта, беа закопувани во масовни гробници на островот Бронкс. Уште во април во јавноста беа обелоденети шокантни снимки од САД, од кои се гледаше дека починатите од коронавирус се погребуваат во масовни гробници на островот Харт, на западниот крак на Лонг Исланд Саунд и северозападно од Њујорк.
Во март, градот Ком, во Иран, ги прошири погребните јами за луѓето што починаа од коронавирус. Тамошни форезничари, кои јавно зборуваа, велеа дека експертите не се сигурни дали човечките остатоци се заразни, но веројатноста е голема и затоа апелираа владите да го ограничат допирањето на починатите, да се избегнат контактите со мртвите. И натаму градските и погребните куќи во светот го сугерираат тоа.

Во Вухан, Кина, каде што започна епидемијата, пред неколку месеци беа забранети погреби и други активности поврзани со трупови на починати жртви на ковид-19. Властите во Вухан побараа семејствата да резервираат термин за да ја земат пепелта на починатите и да ја закопаат со придружба на службено лице. Пандемијата ја потресе и Европа. Во Украина, градот Днипро им забрани на медицинските работници да вршат обдукција на оние за кои се верува дека починале од вирусот. Во овој град беа ископани 615 гробници.
Италија е несомнено една од најтешко погодените земји. Оваа земја донесе итен национален закон со кој се забрануваат верски церемонии, вклучувајќи и погреби. Во градот Бергамо, еден од епицентрите на епидемијата во земјата, армијата во камиони превезуваше десетици ковчези на оддалечени места за кремирање, бидејќи локалните мртовечници не можеле да се справат со бројот на нови смртни случаи.
Шпанија исто така донесе некои тешки одлуки во врска со погребувањето на починатите за време на избувнувањето на пандемијата. Строгите забрани за собири ја ограничуваат можноста на Шпанците да жалат и да ги погребуваат своите мртви според претходните обичаи.