Фото: Игор Бансколиев

Во обид да провериме дали навистина е така, екипа на „Нова Македонија“ неколку дена беше на терен на двете улици во оваа населба, за да ја утврдиме фактичката состојба и да провериме дали навистина ситуацијата е толку загрижувачка како што тврдат жителите. И навистина, како што минуваше времето, така стануваше јасно дека ситуацијата е уште полоша од претходно

ПРОДОЛЖУВА БРЗОТО ВОЗЕЊЕ ВО СКОПСКАТА НАСЕЛБА ЖЕЛЕЗАРА

Откако пред околу еден месец на улицата Коце Металец во скопската населба Железара згасна животот на млада мајка, која беше прегазена на пешачки премин, а нејзините сожители излегоа на протести за да го искажат својот револт поради сообраќајното дивеење на оваа улица, но и за да побараат од градските и локалните власти и од сообраќајната полиција конкретни мерки за да се спречат ваквите катастрофи во оваа населба, барањата конечно им беа реализирани. На оваа сообраќајница се постави опрема за намалување на брзината во сообраќајот, а присуството на сообраќајната полиција може да се забележи секојдневно.

КАКО ДА СЕ РЕШАТ ПРОБЛЕМИТЕ СО СООБРАЌАЈНОТО ДИВЕЕЊЕ

И покрај тоа што се реализира и исполни голем дел од барањата на жителите на населбата Железара, сега сообраќајниот хаос се префрли на паралелната улица, позната како Гемиџиска. На оваа сообраќајница, која минува помеѓу голем број куќи, сѐ уште нема лежечки полицајци, па возачите, сакајќи да ги избегнат оние што се поставени на улицата Коце Металец, сега ја користат оваа улица за побрзо да го поминат овој потег од градот.
Жителите се гневни поради ваквата ситуација. Велат дека и тука итно мора да се постават лежечки полицајци, затоа што возачите буквално дивеењето го префрлиле на оваа улица.
– Бидејќи сега на горната и главна улица во Железара има многу лежечки полицајци, возачите сѐ почесто ја користат нашава улица за да „прелетаат“ и побрзо да стигнат до саканата дестинација. Општината мора итно и тука да постави лежечки полицајци, затоа што навистина возат брзо и бесно – вели Перо М., жител на оваа населба.
Тој вели дека оваа населба е преполна со дечиња што играат и трчаат и вели дека мора да се најде начин првенствено за да се заштитат токму тие, но и сите други жители на населбата.
– Не можеме секојдневно да ги посетуваме игралиштата, па нашите деца играат тука, пред куќите каде што живеат. Така растевме и ние, игравме топка на улица, а возилата што доаѓаа не возеа брзо, па дури и имаа трпение да нѐ почекаат додека да се тргнеме од улицата. Сега е хаос. Мора ние возрасните да изигруваме редари, да ги стопираме возилата, да трчаме по децата за да ги тргнеме од улица. Навистина е лудница – вели тој.

ЖИТЕЛИТЕ СТОЈАТ НА УЛИЦА И ПАТРОЛИРААТ

Во обид да провериме дали навистина е така, екипа на „Нова Македонија“ неколку дена беше на терен на двете улици во оваа населба, за да ја утврдиме фактичката состојба и да провериме дали навистина ситуацијата е толку загрижувачка како што тврдат жителите.
И навистина, како што минуваше времето, така стануваше јасно дека ситуацијата е уште полоша од претходно.
На главната улица Коце Металец возилата се обидуваат да ги заобиколат лежечките полицајци на самата автобуска постојка, каде што коловозот е поширок од вообичаено.
Паралелно со оваа улица, на улицата Гемиџиска, додека минувавме со автомобил, почна да алармира еден повозрасен вознемирен човек, кој за момент помисли дека сме некои други што возеле пребрзо на оваа улица.
Кога објаснивме кои сме, човекот вознемирено ни раскажа дека мора да стои среде улица затоа што има возачи што возат и до 100 километри на час.
– Ова не е нормално. Хаосот од горната улица сега ни се префрли тука пред врата. Имаме внучиња и мали деца, кои лесно може да настрадаат поради таквото несовесно однесување на поединци – ни раскажа жителот.
И навистина, сега оваа сообраќајница се користи за побрзо возење, бидејќи таа нема никаква опрема за да намалување на брзината во сообраќајот, а е доста атрактивна за „прелетување“, бидејќи коловозот е рамен и таа е доста пространа и широка. Само додека ние бевме на оваа локација забележавме повеќе од десет возила што, и покрај дозволените 30-40 километри на час, возеа двојно побрзо.

ЌЕ СЕ ПОСТАВУВА ДОПОЛНИТЕЛНА ОПРЕМА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА БРЗИНАТА ВО СООБРАЌАЈОТ

Градските, локалните и полициските власти веќе презедоа голем број мерки за регулирање на проблемот со сообраќајното дивеење во Железара. Зголемен е бројот на лежечки полицајци, пред кои возачите мораат да ја намалат брзината и, наместо гас, да притиснат кочница.
Од Општина Гази Баба велат дека и на оваа улица ќе се постават лежечки полицајци за да се спречат сообраќајни инциденти.
– Лежечки полицајци се предвидени и за улицата Гемиџиска, конкретно на делот кај ролетарот Војо, каде што доаѓа пешачката патека пред влезот за детската градинка „Калинка“ и сервисниот влез за ООУ „Григор Прличев“. Освен улицата Коце Металец, во населбата Железара е предвидена и поставена опрема за намалување на брзината во сообраќајот и на улицата Душан Тасковиќ, Филип Филиповиќ, Рударска и Гемиџиска – информираат локалните власти.

[email protected]