Градскиот трговски центар е едно од главните обележја на Скопје што не е дел од новоизградените градби во изминатите десетина години. Изграден во далечната 1973 година и овој објект има огромно историско и културно значење за главниот град. За жал, грижата за него како да е подзаборавена од надлежните. По секој дожд капе вода од таванскиот дел, а минувачите мораат да внимаваат каде поминуваат.
Во последните години ГТЦ влезе во голем број различни проектни идеи на повеќе различни власти во државата, но поголемиот дел од овие проекти не се реализираа. Иако изведен како објект од монтажен тип, со челична конструкција и монтажни панели од лесен бетон, во споредба со градбите на денешните модерни трговски центри, ГТЦ е навистина уникатен и е белег на еден период од реиздигнувањето на Скопје по земјотресот 1963 година.
Уште при зачетоците на проектот „Скопје 2014“, беше планирано Градскиот трговски центар да се реконструира и да се обвие во „барокна“ фасада како некои негови соседни градби, но по одржаниот референдум и силните реакции од граѓански иницијативи, тоа не се случи. Во состав на активностите за заживување на ГТЦ и повторното враќање на луѓето во него, градската власт, во соработка со општината Центар и раководството на трговскиот, во февруари годинава, преку враќање на линијата на автобусот со бројот 50 низ трговскиот се обидеа да го ја зголемат фреквентноста на движење на граѓаните низ ова место, но поголема разлика до денес не е забележана. Сега, новите планови за модернизација и уредување на ГТЦ ги објави градоначалникот Петре Шилегов, кој на неодамнешна прес-конференција ја истакна намерата за изградба на зелен покрив на трговскиот, што ќе има цел да го зазелени и освежи централното градско подрачје, но и да го заживее трговскиот центар.
Несомнено е дека ГТЦ со текот на годините станува сè помалку атрактивен и за купувачите, но и за сопствениците на бизнисите, кои поради повеќе различни причини се одлучуваат своите дуќани да ги пренесат на други места. И покрај тоа, трговскиот сè уште живее солидно. Инфраструктурата и условите во него не се сјајни, неодамнешното варосување донекаде го освежи изледот, но далеку од тоа дека една четка боја може да ги реши сите суштински проблеми што се појавуваат тука. Повеѓето од тоалетите не се функционални, хигинената е на ниско ниво (иако за тоа се одговорни посетителите), а оштетените и ’рѓосани метални панели на таваните честопати и при најмал дожд прокиснуваат.
Од раководството на ГТЦ велат дека тековно одржување постои и се работи на одржување на трговскиот, но исто така истакнуваат и дека проектот за зелениот покрив нема да влијае и да ги опфати другите делови од објектот.
Од друга страна, урбаниот момент на ГТЦ и културолошката вредност минатиот месец се зголемија на едно друго, повисоко ниво, со организацијата на првата галерија на отворено, наречена „Градот убав“. Станува збор за 20 авторски цртежи што ги збогатија бетонските ѕидови во трговскиот, па, така, овој објект повторно се актуализираше меѓу младите со големиот број фотографии од цртежите на социјалните мрежи.
Поконкретни информации за изградбата на зелениот покрив на Градскиот трговски центар барем засега нема. Најавата е тука, а од градот Скопје велат дека проектот е во фаза на поминување на административните постапки и собирање на потребната техничка документација и одобренија, па, така, се очекува процесот да заврши оваа есен, а потоа да почнат и сите постапки за изработка на идејни решенија и распишување тендер за изведба и реализација. Според процените на надлежните, се очекува работата врз ГТЦ да почне следната година, па останува да видиме дали овој проект (секако доколку се реализира), ќе го заживее најстариот трговски центар во Скопје, ќе ги врати купувачите, а притоа ќе даде и кислород, кој особено во тој дел од градот е од огромно значење.